Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска Милорад Додик на 21 октомври порача дека осамостојувањето на тој ентитет е „реална алтернатива за во иднина“.
„Република Српска е слободна и широка за сите, освен за нејзините непријатели“, им рече Додик на новинарите во Казарска Дубица.
Тој додаде дека овој ентитет во иднина ќе носи тешки политички одлуки бидејќи со сигурност нема да дозволи да биде маргинализиран.
Новите закани за сецесија на Република Српска, Додик ги испрати еден ден откако Соединетите Американски Држави (САД) воведоа санкции за неговите деца, Горица и Игор Додик. Покрај децата, на „црната листа“ се најдоа и компаниите чии сопственици или косопственици се тие.
Видете и ова: Додик одби да се изјасни за виновен пред Судот во Босна и ХерцеговинаПричината за санкциите, како што беше наведено, се вмешаноста во корупција, како и реториката и делувањето кои се спротивни на Дејтонскиот мировен договор и на Уставот на Босна и Херцеговина.
Додик повторно ги обвини САД за покажување непријателство кон Република Српска додавајќи дека сите сакаат тоа да го сведат на него како проблем, но и на неговото семејство иако „нема докази за какви било криминални активности“.
Тој повика да се обелодени кои се опозициските политичари од Република Српска кои наводно ги подмитувал неговиот син Игор.
Министерството за финансии на САД по проширувањето на листата санкционирани на 20 октомври соопшти дека санкционираните лица и фирми овозможуваат продолжување на коруптивното однесување на Додик.
Лично Додик, пак, се најде на американската „црна листа“ во два наврати. САД му воведоа санкции на 5 јануари 2022 година, како и на 17 јули 2017 година, поради попречување на Дејтонскиот мировен договор.
Тој, исто така, е под санкции и од Велика Британија.