Арапските лидери во сабота на самитот во Каиро, Египет, ги осудија израелските воздушни напади на појасот Газа кои траат две недели и побараа обновување на напорите да се постигне мировно решение на Блискиот Исток со цел да стави крај на повеќедеценискиот циклус насилство помеѓу Израелците и Палестинците.
Говорејќи на собирот „Самит на мирот“ во Каиро, јорданскиот крал Абдулах го осуди, како што рече, глобалниот молк за израелските напади на палестинската енклава и повика на непристрасен пристап кон израелско-палестинскиот спор.
„Пораката што арапскиот свет ја слуша е дека животите на Палестинците се помалку важни од израелските“, рече тој додавајќи дека е огорчен од актите на насилство над невините цивили во Газа, на Западниот брег и Израел.
Тој додаде дека израелското раководство еднаш засекогаш мора да сфати дека „државата никогаш нема да може да напредува ако е изградена на темелите на неправдата“.
„Нашата порака до Израелците треба да биде дека сакаме иднина со мир и безбедност за вас и Палестинците“, рече јорданскиот крал.
Видете и ова: Отворен граничниот премин помеѓу Газа и ЕгипетПалестинскиот претседател Махмуд Абас рече дека Палестинците нема да бидат раселени или протерани од својата земја.
„Нема да заминеме, нема да заминеме“, порача тој на самитот.
Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, на собирот посочи дека нападот на Хамас врз Израел „никогаш нема да може да биде оправдување за колективното казнување на палестинскиот народ“.
Тој се заложи за хуманитарен прекин на огнот во војната помеѓу Израел и Хамас во Газа повикувајќи на глобална акција за ставање крај на оваа ноќна мора.
Гутереш повика на заштита на цивилите и на цивилната инфраструктура од бомбардирање, вклучувајќи ги тука болниците, училиштата и просториите на ОН.
Генералниот секретар на Обединетите Нации зборуваше и за поширокиот контекст на војната посочувајќи дека решението за две држави е единствен реален основ за вистински мир и стабилност.
„Израелците мора да видат како се материјализираат нивните легитимни потреби за безбедност, а Палестинците мора да видат како се остваруваат нивните легитимни настојувања за независна држава“, рече Гутереш.
Тој потенцираше дека ОН работат 24 часа дневно од сите страни за да овозможат испорака на помош во Газа откако во саботата во овој појас влезе првиот конвој од 20 камиони.
Видете и ова: Протест во Скопје за „поддршка на палестинскиот народ“Израел вети дека ќе ја „избрише“ од лицето на земјата милитантната група Хамас со седиште во Газа поради нападот што милитантите го спроведоа на израелска територија на 7 октомври убивајќи 1 400 лица. Тоа беше најголемиот број жртви во историјата на нападите од палестинските милитанти.
Самитот во Каиро се организира со цел да се пронајде начин за спречување војната да се прошири регионално иако очекувањата од настанот се дека тешко оти блискоисточните и европските лидери ќе успеат да договорат заеднички став за судирот помеѓу Израел и милитантните од Хамас.
Тројца дипломати рекоа дека е малку веројатно од собирот да произлезе заедничко соопштение поради сензитивноста на прашањето околу повикот за прекин на огнот, како и околу тоа дали треба да се споменува нападот на Хамас и правото на Израел да се брани.
Отсуството на претставник на САД – главниот сојузник на Израел, како и на неколку лидери на влијателни западни земји, ги намали очекувањето за тоа што може да се постигне на настанот во Египет.
Самитот се организира додека Израел подготвува копнен напад на Газа. Повеќе од 4 100 Палестинци досега беа убиени во израелската контраофанзива, а паралелно расте и хуманитарната криза во појасот Газа.