Состојбата во државата е стабилна од безбедносен аспект, немаме некакви индиции за можно нарушување на целата таа состојба, оценува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.
Тој посочува дека е факт оти глобалните геополитички случувања, пред сè, руската агресија врз Украина, сега и случувањата во Израел и Палестина, но и конфликтите и тензиите коишто се на северот на Косово имаат сериозно влијание врз состојбите претежно во областа на безбедноста.
„Токму заради тоа не само Министерството за внатрешни работи, туку генерално и сите безбедносни служби, агенции во рамките на Република Северна Македонија преземаат се на дневна основа за да можеме да ја одржиме состојбата безбедна и стабилна и секако согласно на се она што може да има импликации да превенираме какво било нарушување на безбедноста“, вели Спасовски.
Во таа насока, министерот потенцира дека мора да се цени и она што го прави државата како членка на НАТО бидејќи тоа влијае позитивно врз безбедноста на државата.
„Не сме сами, сега имаме веќе силен сојуз, сме дел од најголемиот воено-политички сојуз со силни партнери внатре со којшто заедно работиме практично за обезбедувањето и на нашата, меѓутоа и на регионалната и на глобалната безбедност“, посочува Спасовски.
Видете и ова: Лајчак од Косово: Нормализацијата сега е поитна од кога билоНа 20 октомври и министерката за одбрана Славјанка Петровска излезе со оценка дека безбедносната состојба е стабилна. Северна Македонија, рече таа, во моментов нема лоцирано закани по безбедноста на државата и на граѓаните.
„Институциите, службите, безбедносно – разузнавачката заедница будно ги следат случувањата во Израел и Украина, разменуваат информации и на национално ниво и во рамките на НАТО алијансата и соодветно се подготвуваат доколку се лоцира предизвик да се реагира“, изјави Петровска.
И Спасовски и Петровска наредните денови ќе се состанок со претседателот Стево Пендаровски кој најави дека ќе биде свикан Советот за безбедност.
Според најавите од кабинетот на шефот на државата, на дневен ред на седница ќе бидат состојбите на северот на Косово, војната во Украина и последните случувања на Блискиот Исток, конфликтот Хамас – Израел.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во Република Северна Македонија, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Освен Пендаровски и министрите за внатрешни работи и за одбрана, членови на Советот по функција се и претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Дел од Советот се и универзитетските професори Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.