Случувањата во Бањска на северот на Косово ја променија ситуацијата, но нема алтернатива за дијалогот за нормализација на односите, порача специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово Мирослав Лајчак.
По состанокот на „големата петорка“ или таканаречената Квинта со косовскиот премиер Албин Курти, Лајчак порача дека напаѓачите од Бањска мора да бидат изведени пред лицето на правдата, како и оти случајот мора детално да се истражи.
На средбата со Курти, покрај Лајчак присуствуваа и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, како и со главните советници на лидерите на Франција, Германија и Италија – Емануел Бон, Јенс Плоетнер и Франческо Тал.
Претставникот на ЕУ повторни дека западните земји силно го осудуваат нападот во Бањска и додаде дека очекува целосна соработка од Србија за ова прашање.
„Случувањата од 24 септември јасно покажуваат дека деескалацијата и нормализацијата сега се поитни од кога било. Секое условување или одложување е неприфатливо. Очекуваме Косово и Србија да ги исполнат своите обврски произлезени од дијалогот“, рече Лајчак.
Видете и ова: ЕП бара санкции против Србија доколку се утврди поврзаност со нападот во КосовоВо тој контекст, тој наведе дека Косово, ако сака да напредува кон ЕУ, мора без одложување да формира Заедница на српски општини (ЗСО), која на Србите во Косово би им пружила поголема автономија.
Лајчак рече дека „големата петорка“ во Приштина дошла со план за кој подоцна ќе разговараат и со српскиот претседател Александар Вучиќ, но не сакаше да прецизира за што станува збор.
„Дијалогот нема алтернатива бидејќи дијалогот носи нормализација на односите меѓу Косово и Србија и го отвора европскиот пат на двете држави“, порача претставник на ЕУ.
Западните дипломати, кои пристигнаа во Косово со цел да го оживеат дијалогот, по посетата на Приштина заминуваат за Белград каде ќе се сретнат со Вучиќ.
Претходно, портпаролот на ЕУ Петер Стано изјави дека целта на посетата на „големата петорка“ на Приштина и Белград е да се постигне конкретен напредок во примената на Договорот за нормализација и деескалација, по последните случувањата.
Доаѓањето на претставниците на Квинтата следува откако на 24 септември вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во Бањска, Општина Звечан, кога загина наредникот Африн Буњаку. Во размената на огнот беа убиени и тројца од напаѓачите со српска националност.
Официјална Приштина за нападот го обвини Белград, додека српските власти негираа вмешаност.