Отворен граничниот премин помеѓу Газа и Египет

Камиони со помош пристигнуваат на палестинската страна на границата

Граничниот премин „Рафах“ помеѓу Египет и Газа во саботата се отвори за да се овозможи испорака на неопходната помош за Палестинците кои се наоѓаат на територијата што е под израелска опсада, а на кои со денови им недостигаат храна, лекови и вода.

Палестинската милитантна организација Хамас соопшти дека се очекува конвој од 20 камиони помош од Египет да влезе во појасот Газа.

Египетската државна телевизија, пак, покажа снимки од камиони кои со денови чекаат во близина на граничниот премин на египетскиот Синајски Полуостров.

Видете и ова: Протест во Скопје за „поддршка на палестинскиот народ“

Во појасот Газа се убиени повеќе од 3 700 луѓе откако претходно Хамас го нападна Израел на 7 октомври, при што загинаа 1 400 луѓе. Повеќе од еден милион луѓе останаа без покрив над главата, а Газа останува без храна, вода, гориво и медицински материјали бидејќи Израел го блокира протокот.

Со цел деескалација на ситуацијата, Египет организира самит со десетина регионални лидери и високи официјални претставници на Западот.

На состанокот што треба да се одржи денеска (21 октомври) ќе стане збор за тоа како може да се дојде до примирје додека расте загриженоста од можноста на ширење на конфликтот.

На самитот ќе учествуваат лидерите на Катар, Соединетите Арапски Емирати и на палестинската управа, како и премиерите на Италија, Шпанија, Грција и Канада и претставник на Европскиот совет, наведе египетскиот државен весник „Ал-Ахрам“.

Се очекува учество и на министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Велика Британија и Јапонија.