Дипломати од таканаречената „голема петорка“ или Квинтата (САД, Италија, Германија, Обединетото Кралство и Франција) во сабота на 21 октомври престојуваат во Косово со цел да го оживеат дијалогот помеѓу Белград и Приштина.
Косовската влада соопшти дека премиерот Албин Курти околу 10 часот ќе се сретне со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, како и со главните советници на лидерите на Франција, Германија и Италија – Емануел Бон, Јенс Плоетнер и Франческо Тал.
По посетата на Косово, западните дипломати ќе отпатуваат за Белград на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Видете и ова: Пендаровски за следните денови најави седница на Советот за безбедностПретходно, портпаролот на ЕУ Петер Стано изјави дека целта на посетата на „големата петорка“ на Приштина и Белград е да се постигне конкретен напредок во примената на Договорот за нормализација и деескалација, по последните случувањата.
Доаѓањето на претставниците на Квинтата следува откако на 24 септември вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во Бањска, Општина Звечан, кога загина наредникот Африн Буњаку. Во размената на огнот беа убиени и тројца од напаѓачите со српска националност.
Официјална Приштина за нападот го обвини Белград, додека српските власти негираа вмешаност.
Косовскиот премиер на 20 октомври изјави дека ќе нема нормализација на односите со Србија доколку нема безбедност на Косово.
„Утре ќе дознаеме што ќе побараат и што ќе понудат. Можам да кажам дека нема нормализација без безбедност и оти безбедноста на Косово мора да биде приоритет за државните институции, за луѓето и општеството“, рече Курти.
Од друга страна, Квинтата сака со оваа посета да пренесе порака дека постои единство меѓу ЕУ и САД во ставот дека нема да се откажат од Договорот за нормализација на односите, кои странките го постигнаа на 27 февруари во Брисел, а анексот за негова примена беше договорен на 18 март во Охрид.
Видете и ова: ЕП бара санкции против Србија доколку се утврди поврзаност со нападот во КосовоДипломатите во Брисел признаат дека после нападот во Бањска дојде до промена на околностите, но сè уште не е целосно јасно во која мера овој настан ќе влијае на дијалогот.
Десетина дена пред нападот, во Брисел беше одржана нова рунда од дијалогот на ниво на лидерите, но таа заврши неуспешно бидејќи официјална Приштина не го прифати предлог-планот на ЕУ за примена на договорот.