Дури 80 отсто од Израелците веруваат дека премиерот Бенјамин Нетанјаху мора да ја преземе одговорноста за безбедносните неуспеси кои беа откриени со нападот на милитантната организација Хамас врз Израел на 7 октомври, според анкетата за весникот „Маарив“, чии резултати беа објавени на 20 октомври.
Началникот на Генералштабот на израелската армија, шефот на военото разузнавање и првиот човек на рзузнавачките служби Шин Бет признаа дека нивните служби не успеале да го спречат нападот во кој загинаа речиси 1.400 Израелци, што е најсмртоносниот ден во 75-годишната историја на Израел.
Коалициониот партнер на Нетанјаху, министерот за финансии, Безалел Смотрич, рече дека владините и безбедносните лидери не успеале да ја заштитат земјата, но Нетанјаху допрва треба отворено да ја преземе одговорноста.
Видете и ова: Израелскиот министер за одбрана Галант презентираше план за иднината на ГазаНетанјаху на почетокот на неделава изјави дека има многу прашања за нападот на 7 октомври и дека „ќе истражи сè темелно“.
Дури и мнозинството гласачи во неговата владејачка партија Ликуд, 69 отсто, веруваат дека тој треба да преземе одговорност.
Исто така, 48 отсто од испитаниците рекле дека поранешниот министер за одбрана Бени Ганц, лидер на опозициската центристичка партија, кој ѝ се приклучи на владата на национално единство минатата недела, ќе биде подобар премиер, во споредба со само 28 отсто од испитаниците кои го веруваат истото за Нетанјаху.
Истражувањето исто така покажа дека 65 отсто од Израелците ја поддржуваат очекуваната израелска копнена инвазија на Газа.
Истражувањето е спроведено на 18 и 19 октомври меѓу 510 испитаници, пренесува Ројтерс.