Во наредните осум до десет дена ќе биде свикан Советот за безбедност, на чиј дневен ред ќе бидат состојбите на северот на Косово, војната во Украина и последните случувања на Блискиот Исток, конфликтот Хамас – Израел, најави претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски.
„Некои викаат тоа е далеку од нас, меѓутоа ние за жал имаме од сириската војна наваму, луѓе кои се платеници и се борат на една, или на друга страна, а се наши државјани и треба да видиме што со нив, кога утре, задутре ќе се вратат во државава. Колку се покриени од нашите служби и колку се покриени, да ги видиме информациите од нашите партнери“, вели Пендаровски во соопштение на Кабинетот на претседателот.
Последен пат Советот за безбеднос одржа седница во јануари годинава, кага беа одржани разговори за безбедносната состојба во земјата. Тогаш исто така беше разговарано за состојбата во Косово, како и за односите со Бугарија и за процедурата во Собранието за донесување на уставни измени.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во Република Северна Македонија, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Освен претседателот Пендаровски, членови на Советот за безбедност на Република Северна Македонија се Талат Џафери, претседател на Собранието, премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и универзитетските професори Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.
Видете и ова: КФОР - Дополнителни 200 британски и повеќе од 130 романски војници во КосовоПендаровски најавувајќи ја седницата за следните денови, наведе дека поволна околност за Северна Македонија е тоа што е членка на НАТО и дека со тоа редовно добива брифинзите за развојот на состојбата во однос на конфликтот Хамас – Израел.
„Меѓутоа Советот за безбедност секако ќе биде свикан, не само за последниот развој на настани на Блискиот Исток, туку и за случувањата на северот на Косово и војната во Украина“, изјави Пендаровски.
Тој додава дека Северна Македонија во наредните недели, по барање на НАТО ќе го зголеми и својот контингент на Косово.
„Досега на Косово имаше околу 4 500 војници, треба да има околу 5 000, и секоја држава во рамки на своите можности го засилува својот контингент. Тоа не тајна. Ние имаме 64 војници во моментов таму, сакаме да однесеме уште 25, 26 во еден од секторите, тие ги нарекуваат зони на одговорност на Косово“, изјави претседателот Пендаровски.
Видете и ова: Петровска: Нема закана за безбедноста на државатаЗапрашан на што се должи високата доверба на Армијата кај јавноста, претседателот Пендаровски изјави дека Армијата долги години наназад ужива висока почит кај граѓаните, независно од етничката нивна припадност и тоа се должи веројатно на имиџот кој македонската Армија го изгради од 1992 - та година до денес. Тој посочи дека македонската Армија не се крие во касарните, туку напротив во било која ситуација и непогода, секогаш е со народот и така треба да остане.
Денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска изјави дека Република Северна Македонија во моментов нема лоцирано закани по безбедноста на државата и на граѓаните. Институциите, службите, безбедносно - разузнавачката заедница будно ги следат случувањата во Израел и Украина, разменуваат информации и на национално ниво и во рамките на НАТО алијансата и соодветно се подотвуваат доколку се лоцира предизвик да се реагира, изјави Петровска во Охрид каде имаше средба со припадниците на доброволните противпожарни друштва од земјава.