На 14 од 18 тендери на Министерството за информатичко општество се јавувала само една фирма

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу

Ревизорскиот извештај за периодот јануари 2021 до јуни 2023 година покажува дека на 14 од 18 случајно избрани и анализирани тендерски постапки за јавни набавки во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) се пријавила само една компанија.

За три постапки имало по две понуди, а за една постапка биле доставени три понуди. Во голем дел од постапките, сумата за одредена набавка што била предвидена во планот за јавни набавки на МИОА, била иста со сумата што ја понудила одредената компанија, соопшти денеска министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.

На прес-конференција по средбата со стопанските комори, Алиу рече дека вкупната сума за 18-те постапки е 6,5 милиони евра. Предметите опфатени со ревизијата биле по случаен избор, а ги анализирал независен ревизор, од отворање на тендерската постапка до финална исплата за реализираните активности. Некои од нив, потенцира, се со висок ризик од можни злоупотреби.

Министерот ги информирал коморите за Извештајот и побарал од нив да кажат зошто мал број компании аплицираат на тендерите. Му одговориле дека „се соочуваат со тендерска документација која, ако се прочита, е очигледно за која компанија е напишана“.

Видете и ова: Извештаите на Државната ревизија и Антикорупциска заглавуваат во процедури

Токму Алиу најави дека за секоја наредна тендерска постапка, при истражување на пазарот, МИОА ќе свикува прес-конференција за да ги увери компаниите во транспарентноста, како и детално да ги информира кои се потребите на Министерството. Веројатно така, нагласи, ќе се намали недовербата која е веќе креирана меѓу јавниот и приватниот сектор.

„Не сум правник за да кажам дали сето ова е законски или не, а и во Извештајот не е нотирано нешто незаконско, но нотирано е дека има ризици од злоупотреба. Има институции кои понатму треба да ги следат и анализираат овие процеси. Од една страна, одредени компании ги злоупотребуваат процесите и сами креираат политики врз основа на своите бизнис интереси, а од друга, голем дел од компаниите, поради одредени причини, не се јавуваат на јавните повици на државните институции. Ова влијае на конкурентноста и можноста за поголем избор, односно државните институции се принудени да плаќаат повисоки цени поради малата понуда од компаниите. Затоа, потребно е системско решение кое ќе ги спречи сите потреби за злоупотреби и ќе ја зголеми понудата на добра и услуги кон државните институции“, истакна министерот.

Тој најави дека МИОА за четири до пет месеци повторно ќе излезе со ваков извештај, но за десетгодишен период. Ревизорскиот извештај е јавно достапен на веб страницата на МИОА.