Грчката православна црква, која засолнила стотици раселени Палестинци во Газа, била погодена во текот на ноќта од израелски воздушен напад, објавија Ерусалимската православна патријаршија и палестинските здравствени власти.
Здравствените власти во Газа соопштија дека во нападот има жртви.
Израелската армија соопшти дека дел од црквата бил оштетен во нападот на командниот центар на милитантите и дека го истражува инцидентот.
Палестинските власти соопштија дека најмалку 500 муслимани и христијани се засолниле во црквата по израелскиот напад.
„Православната патријаршија во Ерусалим изразува најостра осуда за израелскиот воздушен напад што го погоди нејзиното црковно наследство во градот Газа“, се вели во соопштението на црквата.
Како што пренесува Ројтерс, на видеото од местото на настанот се гледа како ранетото момче го изнесуваат под урнатините. Работник од цивилната заштита изјави дека две лица на горните катови преживеале, додека оние од долните се убиени и се уште се меѓу урнатините.
Се проценува дека меѓу 2,3 милиони жители на Газа има околу илјада христијани, од кои повеќето се грчки православни.
Израелската војска соопшти дека нејзините воени авиони го погодиле блискиот командно-контролен центар што бил користен за извршување напади врз Израел.
„Како резултат на нападот на ИД, беше оштетен ѕидот на црквата во областа. Запознаени сме за извештаите за жртви. Инцидентот се разгледува“, се вели во соопштението на израелската војска.
Повеќе од 3 700 луѓе се убиени во Појасот Газа откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, при што загинаа 1 400 луѓе. Повеќе од еден милион луѓе останаа без покрив над главата, а Газа останува без храна, вода, гориво и медицински материјали бидејќи Израел го блокира протокот.