Руското обвинителство побара од судот во Казан да и биде одреден притвор на приведената новинарка на РСЕ, Алсу Курмашева, соопшти прес-службата на судот.
Курмашева, новинарка на Татарско-башкирската служба на РСЕ со седиште во Чешка, која има двојно американско и руско државјанство, отпатува во Русија за семеен итен случај во мај.
Таа беше привремено задржана додека го чекаше повратниот лет на 2 јуни на аеродромот во Казан, каде и беа одземени американскиот и рускиот пасош. Таа не може да ја напушти Русија бидејќи чека да и бидат вратени пасошите.
Властите првично ја казниле поради тоа што не го пријавила американскиот пасош на руските власти.
Видете и ова: РСЕ и Комитетот за заштита на новинарите бараат итно ослободување на приведената новинарка во РусијаДодека сѐ уште чекаше да и ги вратат пасошите, Курмашева повторно беше приведена и обвинета за непријавување како странски агент, кривично дело за кое се предвидува максимална казна затвор од пет години.
Од 2012 година, Русија ги користи своите таканаречени закони за странски агенти за етикетирање и казнување на критичарите на владините политики.
Исто така, се повеќе се користи за затворање на граѓанското општество и медиумските групи во Русија откако Кремљ ја започна својата инвазија на Украина.
Законот им дозволува на властите да ги етикетираат непрофитните организации како „странски агенти“ доколку добиваат средства од странство и се занимаваат со политички активности.
Курмашева е втората американска новинарка која е затворена во Русија, откако новинарот на Волстрит журнал, Еван Гершкович, беше уапсен под обвинение за шпионажа во март оваа година.