Украина на чекор да забрани цркви поврзани со Русија

Митрополитот Павло на Украинската православна црква

Украинскиот парламент даде првично одобрение за законот со кој ќе се забранат верските организации поврзани со Русија.

Украинската православна црква (УПЦ) вели дека оваа мерка има за цел нејзина забрана во Украина.
Пратениците на 19 октомври гласаа за поддршка на нацрт-законот во неговото прво читање, соопшти на телеграм, Јарослав Железњак, член на парламентот. Мерката мора да биде поддржана и во второ читање и одобрена од претседателот за да стапи на сила.

УПЦ претходно беше под јурисдикција на Рускиот православен патријарх во Москва. Таа ги прекина врските со Москва во мај поради руската неиспровоцирана инвазија на Украина, но беше обвинета дека одржува врски со Русија.

Со години во Украина има три ривалски православни цркви, а најголемата е Московската Патријаршија, која формално е украинска, но и одговара на Москва.

Украинската служба за безбедност (УСБ) на 19 октомври соопшти дека 68 кривични случаи, вклучително и обвиненија за предавство, биле покренати против претставници на УПЦ од инвазијата на Русија.

Претходно оваа година, украинските власти го обвинија митрополитот на УПЦ Павло за поттикнување верско непријателство и негирање на руската инвазија на Украина и го ставија во домашен притвор. Тој ги отфрли обвинувањата.

Украинските власти на 19 октомври изнесоа нови обвинувања против УПЦ, велејќи дека раководството на Руската православна црква е вклучено во создавање приватни воени компании во Русија за војна против Украина.

„Според инструкциите на московскиот патријарх, нивните [приватни воени компании] се ангажирани во регрутирање и борбена обука на платеници за војната против Украина“, соопшти Службата за безбедност на Украина.

Видете и ова: Украина ги забранува верските организации поврзани со Русија


Се наведува дека една таква приватна воена компанија „Крстот на Свети Андреј“ функционира од катедралата во Санкт Петербург.

„Во рамките на ѕидовите на верските институции, нејзините претставници регрутираат парохијани за понатамошно вклучување во составот на окупаторските групи на Руската Федерација, кои се вклучени во линијата на фронтот“, соопшти УСБ.

Предлог-законот усвоен од Врховната Рада на 19 октомври ќе ги забрани активностите на верските организации поврзани со центрите на влијание „во држава која врши вооружена агресија против Украина“. Се вели дека судот ќе биде овластен да ги прекине таквите активности.
Украинската православна црква (УПЦ) во соопштението објавено по гласањето рече дека нацрт-законот во суштина има за цел да ја забрани Црквата.

„Самиот предлог-закон не ја споменува УПЦ, но неговото потекло (одлука на Советот за национална безбедност во врска со УПЦ), медиумската и политичката поддршка укажуваат на тоа дека овој закон ќе се применува на УПЦ, која всушност е независна црква“, се вели во соопштението.

УПЦ, исто така, вели дека нацрт-законот нема да биде во согласност со уставот на Украина и Европската конвенција за човекови права и го обвинува Киев дека се обидува да ги прикаже нејзините украински свештеници и верници како „агенти на Руската Федерација“.

Руската православна црква цврсто го поддржа претседателот Владимир Путин и инвазијата на Москва.