СЗО - Помошта за цивилите во Газа е подготвена

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус.

Помошта за цивилите во Газа е подготвена и се чека отворањето на преминот Рафа, изјави на 19 октомври генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус.

Тедрос се надева дека преминот ќе биде отворен утре и рече дека СЗО е „длабоко загрижена за здравјето и благосостојбата на цивилите во Газа“, пишува британскиот весник „Гардијан“.

„Бомбата што ја погоди болницата Ал Ахли во градот Газа во вторникот вечерта и загубата на животи што ја предизвика, без оглед на тоа кој е одговорен, не може да се толерира“, рече тој.
Тедрос вели дека СЗО го поддржува повикот на генералниот секретар на ОН за итен хуманитарен прекин на огнот и ослободување на заложниците.

„Апелираме до Израел и Хамас да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право за заштита на цивилите и здравствената заштита. Апелираме до Израел да го врати снабдувањето со електрична енергија и вода“, рече Тедрос.

Видете и ова: Египет ќе пушти 20 камиони со помош низ преминот Рафа


Претходно египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси се согласи да го отвори преминот Рафа на границата со Газа за да дозволи до 20 камиони со помош да влезат во Газа.

Ова доаѓа по посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Израел. Бајден рече дека пратките со помош би можеле да почнат да пристигнуваат уште во петок.

Повеќе од 200 камиони и околу 3 000 тони помош се на или во близина на преминот Рафа, единствената врска на Газа со Египет.

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш рече дека на Газа „и треба помош во обем и на постојана основа“.

Говорејќи претходно денеска на прес-конференција во Каиро со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри, Гутереш додаде дека „брз, непречен хуманитарен пристап“ е неопходен за 2,2 милиони луѓе во Газа.

Во својот говор, Гутереш повтори дека „хуманитарците мора да бидат во можат да добиваат помош и да можат безбедно да ја дистрибуираат“.

На 7 октомври палестинската милитантна група Хамас го нападна Израел при што загинаа најмалку 1 400 луѓе. Израел возврати со масовно гранатирање на окупираниот Појас Газа, во кое досега загинаа најмалку 3500 луѓе.