Вкупно 36 предмети за 197 обвинети се водат во Основниот кривичен суд Скопје за злоупотреба на службената положба и овластувања кои се таргетирани од измените на Кривичниот законик.
Најмногу од обвинетите, дури 38 се само во предметот „Змиско око“ за малверзации со патарините, кој се суди повеќе од една деценија.
Колку од овие речиси 200 обвинети ќе се спасат поради застарување на делото сè уште не е познато бидејќи ќе треба да се чека во секој предмет поединечно дали Обвинителството ќе констатира застареност или евентуално ќе направи преквалификација.
Измените на Кривичниот закон беа изгласани на 6 септември 2023 година, по скратена постапка со европско знаменце. Кај кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања затворската казна беше ставена горна граница од четири години, а беше укинат ставот 5 предвидуваше најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.
Тие опфатија и измени за злосторничко здружување при што максималната казна од десет години затвор се намали на три години, како и за делото несовесно работење каде се предвиде казна од шест месеци до пет години, а претходно минималната казна беше три годни при што немаше горна граница.
Официјално, досега застареност на делото во судница е констатирана во три предмети: случајот против поранешниот член на Судскиот совет и судија Зоран Теофиловски, предметот „Продуцент“ против поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник Љупчо Димовски и новинарката Ивона Талевска, како и делот за прислушувањето во обемниот случај „Таргет-Тврдина“, каде судењето сега ќе продолжи само за уништувањето на опремата за следење на комуникациите.
Поради ваквите последици врз предметите, претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, го дели ставот на, како што вели, обвинителските и судските авторитети, дека оваа е упад во судството.
Видете и ова: Измените на актуелниот фрлија прашина и на новиот Кривичен законикВо Кривичен сè уште не може да се пресметаат штетите од застарувањето кои ќе треба да се платат со пари од граѓаните бидејќи ќе треба да се очекуваат барања за секој предмет поединечно.
Најмногу пари, на пример, како што брифираат оттаму, би однеле надоместоците за адвокатите што ги застапувале обвинетите. Нивната тарифа за едно рочиште се движи од 60 000 до 90 000 денари. До денеска, ниту еден од бранителите во предметите што застареа не побарал такво нешто.
Со барањето за надоместок, судот им бара доказ дека странката што ја застапувале им исплатила пари (фискална сметка, извод од УЈП или од банкарски трансакции итн.), за да може потоа од државниот буџет да им се рефундираат на странките.
Дополнително, меѓу поголемите трошоци би биле доколку странките кои биле во притвори бараат отштета од државата.
Единствената придобивка во иднина од измени на Кривичниот законик, според Џолев, би била што со оглед на намалените казни, во предметите за злоупотреба на службената положба и овластувања наместо судечки совет од пет члена (двајца судии и тројца поротници) сега би постапувал судија поединец, па тој би можел да даде побрза динамика.
Видете и ова: Од обвинети за криминал до обесштетување од државатаПретседателот на Кривичен, покрај коментарите за законските измени, на брифинг со новинарите на 19 октомври одговори и на прозивките за одговорност на судовите за бавните судски постапки. Како пример Џолев ги посочи 21 предмет од поранешното СЈО кои во судска постапка се влезени од почетокот на 2018 година. Од овие 21, тој потенцираше дека во 18 случаи барем еднаш била донесена пресуда пред првостепениот суд. Дел од нив беа враќани од Апелацискиот суд на повторно судење, па претседателот на Кривичен денеска порача на колегите од повисокиот суд дека имаат можност да донесат и мериторна одлука во некој предмет наместо да го враќаат.