Светска банка: Економскиот раст во Западен Балкан ќе забрза, но бавно и нееднакво

илустрација

По забавувањето во 2023 година, економскиот раст во Западен Балкан во 2024 година се очекува умерено да забрза и да достигне три проценти во услови на континуирано закрепнување во Европската Унија, главниот трговски партнер на регионот, а пониската инфлација би требало да помогне во подобрувањето на расположливиот доход и да ја поддржи потрошувачката, се вели во новиот Регионален економски извештај за Западен Балкан на Светска банка објавен денеска.

Регионалната стапка на раст во 2024 година, иако повисока од 2023, може да биде за 0,1 проценти пониска од она што Светска банка го предвиде во претходното издание на извештајот во месец април. Проекцијата на растот за 2025 година останува непроменета со 3.5 проценти.

Растот во Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово се предвидува да забрза во 2024 година, поддржан од зголемувањето на потрошувачката и на инвестициите. Растот во Црна Гора и во Албанија во 2023 година е посилен од очекуваниот, кој, покрај другите фактори е главно резултат на силната туристичка сезона и може малку да забави во 2024.

Раст од 1,8 проценти на Бруто домашниот производ во Северна Македонија, прогнозира Светска банка. Претходно Банката прогнозираше дека годинава во земјата ќе има раст од 2,1 отсто. Освен годинава, и следните две ќе има најнисок економски раст во споредба со земјите од регионот. Се очекува просечната инфлација да изнесува 9,1 отсто и да биде условена од внатрешни фактори, како мерките на Владата, маржата на компаниите и вишокот на побарувачка. Земјата ќе има и најголем дефицит.

Зад Северна Македонија е Србија со економски раст од 2 отсто, Босна и Херцеговина со 2,2 проценти, Косово со 3,2 отсто и Албанија со 3,6 проценти. Највисок раст на Балканот ќе има Црна Гора од 4,8 проценти.

„Она што охрабрува е дека Западен Балкан и понатаму напредува во приближувањето до животниот стандард во напредните економии од Европската Унија. Меѓутоа, приближувањето се одвива со нееднаква брзина и тоа бара насочени реформи за да се консолидира закрепнувањето при одржлив раст“, рече Шиаочинг Ју, директорка за Западен Балкан во Светска банка.

Видете и ова: Инфлацијата се намалува, трошоците на живот пораснале

Во 2023 година, пазарот на труд во Западен Балкан и понатаму продолжи да зајакнува, наспроти сите очекувања, се вели меѓудругото во извештајот.

„Просечната стапка на вработеност во регионот достигна ново историски највисоко ниво од скоро 48 проценти и нови 103 000 работни места се отворени во регионот во периодот од средината на 2022 до средината на 2023 година. Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора имаа најголеми придобивки. Истовремено, недостигот на работна сила и понатаму предизвикува голема загриженост кај фирмите во Западен Балкан“, наведува извештајот.

Регионот не само што треба да се справи со бариерите за поголема стапка на активност, туку и да го забрза економското приближување до понапредните економии во Европа, се вели во извештајот. Овие напори треба да бидат дополнети во услови на побрза зелена транзиција и поголеми инвестиции за поттикнување на отпорноста на климатски катастрофи, вклучително и во земјоделството.

Иако големината на земјоделскиот сектор во регионот се намалува, тој и понатаму е многу релевантен, на пример секторот вработува помеѓу седум и 35 проценти од населението во овие шест земји. Оттаму, позеленото земјоделство нуди можност за зголемување на продуктивноста, конкурентноста и отпорноста на секторот преку ефективно користење на јавно достапните средства, знаења и иновации, се наведува меѓудругото во извештајот.