Лавров се сретна со Ким Џонг-Ун и вети поддршка за Пјонгјанг

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се сретнал со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се сретнал со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун, соопшти руското Министерство за надворешни работи во четврток, во период кога двете земји градат поблиски врски соочени со она што тие го сметаат за „непријателски и агресивен“ западен табор предводен од Соединетите Држави.

Руската државна новинска агенција ТАСС објави дека средбата на Лавров со Ким траела повеќе од еден час, но Министерството не соопшти дополнителни детали.

„Лавров, кој пристигна во Пјонгјанг во средата, претходно и се заблагодари на Северна Кореја за нејзината поддршка за руските воени акции во Украина и вети „целосна поддршка и солидарност“ на Москва за Ким“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Посетата на Лавров се смета за подготовка на теренот за посетата на претседателот Владимир Путин, кој ја засили соработката со политички изолираната Северна Кореја.

Говорејќи на приемот организиран од Северна Кореја во средата, Лавров рече дека Москва силно ја цени „непоколебливата и принципиелна поддршка“ на Пјонгјанг на Русија во војната во Украина, која ја нарекува „специјална воена операција“.

„Исто така, Руската Федерација ја изразува својата целосна поддршка и солидарност со аспирациите на Демократска Народна Република Кореја (ДНРК)“, рече Лавров, според транскриптот од говорот објавен на веб-страницата на неговото министерство.

Видете и ова: Северна Кореја ѝ вети на Русија „целосна и безусловна поддршка“

ДНРК се иницијалите на официјалното име на Северот, Демократска Народна Република Кореја.

По разговорите со севернокорејскиот министер за надворешни работи Чое Сон Хуи, Лавров подоцна им изјави на новинарите дека зголемената воена активност на САД и нивните сојузници Јапонија и Јужна Кореја е причина за загриженост, објави руската државна новинска агенција РИА.

Американската и јужнокорејската морнарица во четвртокот им се придружија на морнариците на четири други земји - Канада, Белгија, Нов Зеланд и Филипините, во вежба против морски мини во близина на јужниот брег на Јужна Кореја, соопшти јужнокорејското Министерство за одбрана.

Видете и ова: Ким Џонг Ун пристигна во Русија

Американски бомбардер Б-52 во четвртокот слета во Јужна Кореја за да го нагласи сојузот на двете земји против растечките нуклеарни закани од Северна Кореја, соопшти јужнокорејската војска.

Во своите коментари, Лавров рече дека Северна Кореја, Кина и Русија водат политика насочена кон намалување на регионалните тензии.

Севернокорејските државни медиуми соопштија дека посетата на Лавров ќе означи „значаен повод“ за натамошното консолидирање на односите меѓу Пјонгјанг и Москва. Дводневната посета на Лавров доаѓа еден месец откако севернокорејскиот лидер Ким беше во посета на Русија, пришто го покани Путин во Пјонгјанг и со него разговараше за воената соработка.

Руската новинска агенција ТАСС објави дека Лавров може да ги информира и севернокорејските лидери за резултатите од посетата на Путин на Кина оваа недела.