Секој своја борба...

Илустрација - Графит во Скопје

Њузлетер, 20 октомври 2023 - Кавги за избори и уставни измени, беспарица, војна на Блискиот Исток и во Украина, инфлација, протести... и меѓу сето тоа еден Борко, една Ева, еден Дамјан... Секој со својата борба...

Со 60 денари на ден преживуваат 80 илјади граѓани

Според најцрното сценарио, во земјава на крајот од годинава ќе има околу 600 илјади луѓе кои живеат во сиромаштија, што е секој трет човек. На меѓународниот Ден за искоренување на сиромаштија, во центарот на Скопје може да сретнете луѓе со подадени дланки кои чекаат некој да им фрли по некој денар.

„Јас секој ден сум сиромашен“, вели седумдесетгодишниот Борко, кој седнат пред голем маркет во Трговскиот центар, чека некој да му „фрли“ денар – два.

„За лепче само“, вели Борко, кој до скоро земал и социјално од околу 3000 денари месечно, но поради грешка, документите не му се обновени и сега е без денар. И не е единствениот репрезент на сиромаштијата.

„Од година во година во државата сè полошо се живее, оти луѓето кои требаше да не извадат од прагот на сиромаштија градат туѓи економии по Австрија, Германија и Швајцарија“, вели Иван Пешевски од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Стапката на сиромаштија годинава е на истото ниво на кое беше и пред шест години кога сегашната владејачка партија ја презеде власта. Иако на почетокот таа паѓа, последните кризи си го земаат данокот.

Државна лотарија, Арберија, Арс ламина, Фестина, тендери...

Игрите на среќа како игра на тронови. Во екот на „битката“ меѓу државата и приватните компании за (пре)власт на бизнисот со обложување и коцкање, РСЕ ги „скенира“ јавните набавки на Државната лотарија. Државна лотарија се фали со зголемен раст на приходите за 2022 година од 32 насто во споредба со 2021. Но, ако се изземат приходите од фирмите - ќерки, всушност е во минус.

Истражувањето за случувањата во Државна лотарија го продолживме со нејзиниот закуп на поранешен ресторан за свадби за 2,6 милиони евра. Државна лотарија склучила договор за закуп на нови простории во скопско Визбегово и ќе плаќа над 21 илјада евра месечна кирија за период од 10 години, открива Радио Слободна Европа. Сопственикот кој му го рента објектот на акционерското друштво бил поранешен бизнис партнер со Ерџан Сулкоски, кој медиумите претходно го поврзуваа со семејството на Али Ахмети.

Изборите ги засенија уставните измени

Иако беше недела на борба против гладта и борба против сиромаштијата, фокусот пак се сврте кон партиите, изборите и уставните измени.

Ако партиите договорат датум за избори без да ги направат уставните измени, уште повеќе ќе се влоши политичката и економската состојба во државата, оценуваат политички аналитичари. Според нив, се повеќе станува јасно дека тоа нема да се случи во овој парламентарен состав, но со тоа Северна Македонија ќе прати лоша порака до нејзините партнери во ЕУ и САД.

Додека најголемите политички партии периодов интензивно размислуваат за датуми за претстојните претседателски и парламентарни избори, се чини дека останува во втор план прашањето за уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата.

Роковите што власта ги планираше за уставните измени беа да бидат направени до крајот на годината, кога се очекува да заврши скрининг процесот на Европската комисија (ЕК) за Северна Македонија. Во меѓувреме процесот за уставните измени во Собранието беше започнат на 18 август, но собранискиот спикер Талат Џафери ја прекина седницата со оглед дека вледејачката коалиција на СДСМ и ДУИ засега не успева да го обезбеди двотретинското мнозинство неопходно за отворање на Уставот. Во вакви услови периодов почнаа жестоки изборни препукувања и според изјавите на власта и опозицијата, сега императив е да постигнат консензус за датум на изборите.

Пресврт во „Делчевски ниви“ ја урна истрагата

Политиката ги засени и дел од „аферите“ кои до неодамна ги тресеа и власта и опозицијата. Некои всушност веќе и не се нарекуваат афери, со оглед на пресвртите што се случуваат. Еден од тие случаи е „Делчевски ниви“.

Пропадна случајот со препродажбата на ниви во Источна Македонија, познат во јавноста како „Делчевски ниви“. Наместо предметот да се движи кон обвинителен акт се урна благодарение на пресвртот што го направиле сведоци менувајќи го исказот. Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје тврди дека немало друг избор освен да ја прекине постапката и да ја затвори истрагата.

Предметот се однесуваше на купување земјиште од ЕВН Електрани за изградба на фотоволтаични централи, кое било платено 40-тина пати поскапо од реалната пазарна цена. Осомничени за измама беа двајца управители од компанијата, како и уште пет други лица кои се гонеа за помагање. Истрагата на скопското обвинителството се фокусираше на тоа дека двајцата управители ги довеле во заблуда членовите на Управниот одбор за да се донесе одлука за купување на земјиштето по нереални цели.

Македонските граѓани евакуирани од Израел

Војната на Израел и Хамас „зароби“ стотина македонски државјани во Израел. И тие и државата, кој како умее, се ангажираа за безбедна евакуација во Северна Македонија.

Евакуацијата се одвиваше во два наврати - првин дома се вратија шеесетина граѓани, а потоа со бесплатен чартер лет од Тел Авив до Скопје, со платен авион од Ер Србија, се вратија сите што сакаа да се вратат.

Велат: „Беше многу лошо“.

Војната почна по нападот на хамас на неколку важни Израелски локации, по што Израел жестоко одговори и нагласи дека „ќе го уништи Хамас“.

Млади со „болести за стари“

Само осум години има најмладиот пациент со мултипла склероза(МС), дијагностициран на Универзитетската клиника за неврологија. Најмалиот пациент со јувенилен артритис е деветмесечно бебе. Канцер на дојка се добива и на 16 години.

Ова се податоци од здруженијата на пациенти, кои предупредуваат - опасно се спушта возрасната граница за болести за кои порано се мислело дека ги добиваат исклучиво луѓе во поодмината возраст.

Лекарите велат дека причини има многу, а една од нив е побрзата дијагностика поради што болестите порано се откриваат.

Зоврива ли на Блискиот Исток?

Додека израелските војници се подготвуваат да започнат копнена офанзива врз Газа, се зголемуваат стравувањата дека конфликтот меѓу Израел и Хамас може да се прошири во регионот, додека Вашингтон изразува загриженост поради можното учество на Иран во конфликтот, јавува агенцијата Франс прес.

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан издаде предупредување за време на официјалната посета на Катар на 15 октомври, велејќи дека кризата може да се прошири доколку не се спречат, како што ги нарече, „варварските напади“ врз граѓаните и цивилите во Газа.

Предупредувајќи го Иран да остане надвор од војна, Соединетите Држави изразија загриженост поради ескалацијата на конфликтот предизвикан од ненадејните напади на Хамас врз Израел на 7 октомври.

„Ми велеа да се откажам“

Дваесетидеветгодишната Ема Никочевиќ е првата македонска судијка со значка на ФИБА - Меѓународната кошаркарска федерација, што значи дека во иднина може да суди на меѓународни натпревари. Во меѓувреме, суди на околу сто домашни натпревари годишно, работи и како физиотерапевтка во спортска академија, а во Кошаркарската федерација е ангажирана околу младинските лиги. Пред камерата на РСЕ се потсети на почетоците кои не биле лесни поради стереотипите во нашето општество.

Што Ве изнервира во последно време?

Гневот и непристојниот вокабулар во комуникацијата на политичките и општествените чинители во државата одамна е доминантен на социјалните мрежи? Зошто? Од кај потекнува? Што е тоа што ве нервира најмногу? Што може да се направи за да се започне вистински дијалог меѓу заинтересираните страни а не вербално плукање на неистомислениците. За ова разговараме со Жанета Трајковска директор на Институт за комуникациски студии.