Радио Слободна Европа и Комитетот за заштита на новинарите побараа итно ослободување на новинарката на РСЕ Алсу Курмашева, која е приведена во Казан, Русија, додека чека да и бидат вратени пасошите.
Курмашева беше приведена на 18 октомври и е обвинета дека не се пријавила како странски агент, за што е предвидена максимална казна од пет години затвор.
Курмашева, новинарка на татарско-башкирската служба на РСЕ во Прага, Чешка, која поседува двојно американско и руско државјанство, отпатува во Русија поради семеен итен случај во мај.
Таа беше привремено задржана додека го чекаше повратниот лет на 2 јуни на аеродромот во Казан, каде и беа одземени американскиот и рускиот пасош и оттогаш не може да ја напушти Русија.
Видете и ова: Многу нејаснотии за американскиот новинар затворен во Русија за шпиунажаВластите првично ја казниле поради тоа што не го пријавила американскиот пасош на руските власти. Курмашева чекаше властите да и ги вратат пасошите кога на 18 октомври беше објавено ново обвинение.
„Алсу е многу почитуван колега, посветена сопруга и посветена мајка на две деца. Таа мора да биде пуштена за да може веднаш да се врати кај своето семејство“, изјави вршителот на должноста претседател на РСЕ Џефри Гедмин.
Комитетот за заштита на новинарите ги нарече обвинувањата против Курмашева „лажни“ и ги повика руските власти веднаш да ја ослободат.
„Комитетот за заштита на новинарите (КЗН) е длабоко загрижена поради приведувањето на американско-руската новинарка Алсу Курмашева поради лажни кривични пријави и ги повикува руските власти веднаш да ја ослободат и да ги отфрлат сите обвиненија против неа“, рече Гулноза Саид, програмски координатор на КЗН за Европа и Централна Азија.
Од 2012 година, Русија ги користи своите таканаречени закони за странски агенти за етикетирање и казнување на критичарите на владините политики.
Исто така, се повеќе се користи за затворање на граѓанското општество и медиумските групи во Русија откако Кремљ ја започна својата инвазија на Украина.
Законот им дозволува на властите да ги етикетираат непрофитните организации како „странски агенти“ доколку добиваат средства од странство и се занимаваат со политички активности.
Курмашева е втората американска новинарка која е затворена во Русија, откако новинарот на Волстрит журнал, Еван Гершкович, беше уапсен под обвинение за шпионажа во март оваа година.