Европскиот парламент (ЕП) ја изгласа Резолуцијата за Црна Гора, со која се потврдува застојот во процесот на пристапување во Европската унија (ЕУ).
„Причините се неуспехот да се изгради консензус за прашања од национален интерес и немањето меѓупартиски дијалог. Сето тоа доведе до одложување на напредокот во реформите и ја турна Црна Гора во длабока политичка и институционална криза“, се наведува меѓу другото во документот на ЕП.
„За“ на пленарната седница гласаа 529 европски претставници, 51 беа против, а 53 беа воздржани.
Пред усвојувањето на резолуцијата, на 17 октомври, ЕП одржа расправа за состојбите во Црна Гора, од која речиси едногласно беше заклучено дека официјална Подгорица со години е во застој во евроинтегративните процеси поради нестабилната политичка ситуација.
Текстот на резолуцијата содржи и амандман со кој се повикува Црна Гора да спроведе попис на населението „штом ќе заврши политичкиот ќорсокак во земјата“.
Видете и ова: Фон дер Лајен повика на соработка на Западен Балкан за влез во ЕУ
Во соопшението на Европскиот парламент пак се додава и дека се очекува пописот да се спроведе на отворен начин, без политичко мешање, со соодветно пребројување на сите национални малцинства без страв од заплашување или кривично гонење.
Европскиот парламент ја нагласува и итната потреба за политичка стабилност и напредок во изборните и судските реформи, како и борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Инаку, ова е последна резолуција за Црна Гора во актуелното свикување на Европскиот парламент. Во јуни следната година ќе се одржат европски избори, по што ќе има нова структура во европските институции.
Резолуциите на Европскиот парламент не се правно или политички обврзувачки за земјите-членки на ЕУ или за другите институции на ЕУ.