Косовскиот премиер Албин Курти побара мисијата КФОР на Косово, да се концентрира на обезбедување на границата со Србија.
Барањето го упати на 18 октомври на средба со командантот на мисијата КФОР Озкан Улуташ.
Според соопштението на Владата на Косово, на состанокот се разговарало за безбедносната состојба на Косово по нападот врз полицијата на 24 септември во Бањска.
Во тој напад на вооружена група Срби, загина косовскиот полицаец Африм Буњаку, а загинаа и тројца напаѓачи.
Видете и ова: НАТО: „Напната ситуација“ во Косово, Белград и Приштина да се воздржатКурти рече дека Косово е заинтересирано за поголема соработка со КФОР и го поздрави испраќањето дополнителни сили во таа мисија и зголемувањето на бројот на војници.
„Ова засилено присуство треба да се концентрира на одржување на границата меѓу Косово и Србија, од каде доаѓа оружјето од Србија и од каде доаѓа опасноста за Косово. Чувањето на границата значи и затворање на дивите патишта, поради што е неопходна поголема соработка со косовската полиција“, се наведува во соопштението на Владата на Косово.
По нападот во Бањска, косовските власти заплениле големо количество оружје на север. Официјална Приштина ја обвини Србија дека стои зад нападот, а Белград негираше.