Нема оправдување да се погоди болница полна со цивили во Газа во која беа сместени стотици ранети лица, нагласи денеска претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред европратениците, додавајќи дека „треба да се утврдат сите факти“ за трагедијата.
Говорејќи пред Европскиот парламент во Стразбур, претседателката рече дека експлозијата, при што загинаа најмалку 200, ја претворила болницата „Ал Ахли“ во Газа во „огнен пекол“.
„Сцените од болницата „Ал Ахли“ се застрашувачки и вознемирувачки. Нема оправдување да се погоди болница полна со цивили. Треба да се утврдат сите факти, а одговорните мора да одговараат“, рече Фон дер Лајен, без да ја префрли вината за нападот кон кој било во конфликтот меѓу Израел и Хамас.
Видете и ова: Стотици убиени во експлозија во болница во Газа, Израел негира одговорностФон дер Лајен истакна дека „теророт на Хамас ги втурна Израел и Палестина“ во нова спирала на насилство.
„Во овој трагичен час, сите ние мораме да ги удвоиме нашите напори да ги заштитиме цивилите од бесот на оваа војна“, истакна претседателката на ЕК.
Таа го повтори претходно искажаниот став на ЕУ дека Израел има право на самоодбрана, во согласност со меѓународното право, потенцирајќи дека „Хамас се терористи“ од чии терор исто така страдаат и Палестинците.
Таа повтори дека Еврокомисијата донесе одлука за тројно зголемување на хуманитарната помош за цивилите во Газа и дека лансира хуманитарен воздушен мост на ЕУ до Египет за да се дистрибуира помошта до хуманитарните организации на теренот, при што уште во текот на оваа недела ќе заминат првите два авиони со хуманитарна помош од УНИЦЕФ.