Неколку лица загинaле и биле ранети во руските ракетни напади врз украинскиот регион Запорожје, кога беше погодена и станбена зграда, соопштија регионалните украински власти.
Дописникот на украинскиот сервис на Радио Слободна Европа јави дека во нападот загинале најмалку две лица, додека тројца се водат за исчезнати. Во нападот се ранети неколку лица.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот.
Анатолиј Куртев, вршителот на должноста градоначалник на Запорожје, на Телеграм изјави дека во градот одекнале шест експлозии по предупредувањето за воздушен напад.
Видете и ова: Украина за првпат против Русија употреби ракети со долг дострел обезбедени од САДЕксплозијата ги уништи третиот, четвртиот и петтиот кат од станбената зграда, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи, додавајќи дека околу 50 жители се евакуирани.
„Терористички ракетни напади врз градот, врз инфраструктурата, врз станбена петкатна зграда. Уништени се осум стана. Има ранети и мртви. Можеби има луѓе под урнатините“, напиша Зеленски на Фејсбук.
Тревога за воздушен напад беше прогласена и во регионите Дњепропетровск, Керсон и Миколаев.
Руското Министерство за одбрана објави дека нивните сили во текот на ноќта собориле 28 беспилотни летала кои ги нападнале руските региони Курск и Белгород, како и Крим окупиран од Русија.