Гутереш повика на итен прекин на огнот на Блискиот исток

илустрација

Генералниот секретар на ОН повика на итен прекин на огнот на Блискиот исток, откако стотици луѓе загинаа во воздушен напад на болница во Газа во вторникот (17 октомври).

„Повикувам на итен хуманитарен прекин на огнот на Блискиот Исток за да се олесни големото човечко страдање. Премногу животи и судбината на целиот регион висат на конец“, напиша Гутереш на платформата X.

Тој нагласи дека е „ужаснат“ од нападот врз болница во Газа во кој загинаа стотици луѓе.

Пред да полета за кинескиот главен град за да присуствува на форумот „Појас и пат“, Гутереш рече дека го повикал Хамас веднаш и безусловно да ги ослободи заложниците, а Израел да дозволи итен и неограничен пристап до хуманитарна помош до Газа.

Видете и ова: Стотици убиени во експлозија во болница во Газа, Израел негира одговорност

Тој додаде дека нападот на Хамас врз Израел не може да го оправда колективното казнување на Палестинците.

„Јас сум целосно свесен за длабоките поплаки на палестинскиот народ по 56 години окупација. Но, колку и да се сериозни, тие не можат да ги оправдаат терористичките акти извршени од Хамас на 7 октомври. И овие напади не можат да го оправдаат колективното казнување на Палестинците“, рече шефот на ОН.

Според здравствените власти на Газа, болницата „Ал-Ахли“ била преполна со ранети лица и други Палестинци кои барале засолниште, при што загинале стотици луѓе.

Фотографиите покажаа дека пожарот ги зафатил болничките сали, има искршено стакло и делови од телото расфрлани низ областа.

Министерството соопшти дека загинале најмалку 500 луѓе.

Израелските одбранбени сили соопштија дека веруваат оти нападот врз болницата Ал Ахли бил ракетен бараж кои го испукале палестински милитанти.

Палестинскиот исламски џихад ги демантираше израелските тврдења дека е одговорен за експлозијата во болницата во Газа.

До ова доаѓа откако на 7 октомври милитантната група Хамас изврши неколку воздушни напади во Израел при што загинаа повеќе од 1000 луѓе. По ова Израел одгововори со нови ракетни напади кон Газа во кој според изјавите на палестинските власти, загинале повеќе од 2700 лица.