Адвокатот на Навални избега од Русија

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални со неговите адвокати Олга Михаилова и Вадим Кобзев на судско сослушување

Александар Федулов, адвокат на Алексеј Навални, затворениот руски опозициски политичар и критичар на Кремљ, избега од Русија откако минатата седница беа упасени уште тројца адвокати кои го бранеа Навални.

Федулов на Инстаграм доцна вчера (16 октомври) напиша дека ја напушта земјата, бидејќи „апсењата на нашите колеги кои го бранеа Навални донесоа значителни промени во работата на адвокатите кои не се затворени“.

Видете и ова: Уапсен адвокатскиот тим на Навални откако руската полиција извршила претрес во нивните домови

Објавата на Федулов следуваше по неколку часа откако тимот на Навални напиша на Телеграм дека адвокатот не се појавил на рочиштето во казнената колонија како што било закажано и дека телефонот му бил исклучен, пренесе редакцијата на Радио Слободна Европа(РСЕ) на англиски јазик.

Навални на сослушувањето на 16 октомври рече оти му е кажано дека уште една негова адвокатка, Олга Михаилова, исто така неодамна побегнала од Русија.

Додека денеска (17 октомври) е продолжено сослушувањето за жалбата на Навални за кршење на неговите права, тој рече дека Истражната комисија му препорачала да најде нови адвокати.

„Каква акција можам да преземам кога воопшто не разбирам што се случува со моите адвокати. Никој не смее да ме посети, изолиран сум и отсечен од какви било информации“, рече Навални додавајќи дека многу им е благодарен на своите адвокати.

„Друго, многу сум загрижен за нивните семејства и секако, би сакал да им кажам на своите адвокати и на нивните семејства дека мораат да бидат силни, тие се неверојатни“, кажа Навални.

Видете и ова: Руските опозиционери зад решетки најавуваат еднодневен штрајк со глад

Минатата седмица, адвокатот Вадим Кобзев, Игор Сергунин и Алексеј Липстер беа приведени и подоцна пратени во истражен затвор на најмалку два месеци под обвинение дека учествувале во активности на екстремистичка група.

По апсењето, руските адвокатски здруженија објавија онлајн - петиција повикувајќи ги сите адвокати во Русија на предупредувачки штрајк од 25 до 27 октомври во знак на протест против „системски прогон“ на десетина нивни колеги ширум земјата.

Групите и организацијата на Навални беа означени како екстремистички и забранети во Русија од 2021 година. Казната за учествување во активности на екстремистичка група е до 12 години затвор.

Во август, судиите на московскиот Градски суд го прогласија Навални виновен за формирање екстремистичка организација и повеќе од двојно ја зголемија неговата казна на 19 години, одлучувајќи дека еден од најострите критичари на рускиот претседател Владимир Путин мора да биде префрлен во установа со построг „посебен режим“. Што значи, затвор со највисок степен на сигурност во кој сега се наоѓа.

Видете и ова: Судењето на Навални е незаконско и срамно, обвинува неговата сопруга

Обвинувањата против Навални генерално се сметаат за одмазда за неговите напори да го разоткрие она што тој го нарекува сеприсутно беззаконие, корупција и репресија од Путин и неговиот политички систем.

Претходната казна на Навални му беше изречена во 2021 година, откако стигна во Москва од Германија, каде оздравуваше од нападот со отровен агенс за што го обвини Кремљ. Пред последната пресуда, служеше затворска казна од 11 ипол години поради проневера и кршење на условниот отпуст додека бил во Германија на лекување од труење.