Поранешниот министер за здравство Венко Филипче денеска пред членовите на Анкетната комисија за случајот „онкологија“ рече дека пред да стане министер, имало систем со кој не се знаело какви лекови се даваат, особено за пациентите со малигни болести и за дијабетичарите, но, дека законот е променет и оттогаш лековите се увезуваат по европски критериуми.
Паралелниот увоз на лекови кој постоел до 2018 година, како што посочи, овозможувал лековите што влегуваат во државата да бидат без сертификат за квалитет.
За тоа што биле набавувани лекови на реверс, Филипче рече дека тоа било направено за пациентите да не останат без лек.
„Реверсот е за пациентите да не останат без лек. Во јануари имате 100 пациенти со една дијагноза. Во март дошле 20 нови, а првите 100 мора цела година да го примаат лекот. Затоа е земан реверсот. Не го оправдувам тоа, ама нема што да прават. Ќе останеле пациентите без лек. Системот треба да се смени“, рече Филипче.
Видете и ова: Протест за случајот „онкологија“ - Граѓаните не им веруваат на институциите
Давањето и контролата на лекови, како што кажа, е работа на менаџментот и на главната сестра.
„Давањето, контролата на лекови е работа на менаџментот. Министерот не знае како се даваат терапиите. Тоа е работа на главната сестра, така било секогаш“, рече Филипче.
За поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев рече дека е одличен професионалец и дека ако постои сомнеж во неговата работа, тоа треба да се истражи.
Пред пратениците кажа дека не бил запознаен со КАТО-системот кој со години е неупотребуван на Онкологија. За време на неговиот мандат, како што рече, немало пропусти во работата на Клиниката и до него не стигнало информација дека за некој пациент нема лек.