Амнестијата што власта сака да ја донесе наредниот период ќе биде поради нужда, а не поради рационалност. Преку носење на такви закони, законодавецот го уништува судството.
Со ваква оценка излезе професорот по уставно право Светомир Шкариќ за Предлог-законот за амнестија што го предлага Министерството за правда, а на 2 ноември ќе се најде на дневен ред во Собранието.
Причините за носењето на законот власта ги објаснува со пренатрупаноста на затворите и неможноста за ресоцијализација на сторителите на лесни кривични дела во условите коишто владеат во моментот во казнените установи.
„Затворите се пренатрупани, нема место за нови криминалци, тоа го дозволивме и поради немарност на одговорните лица за одржување на затворските услови мора правото да страда и посебно да страдаат уставното и кривичното право. Зошто уставното? Затоа што со секоја амнестија, а со оваа посебно, прешироко се навлегува во судската власт. Фактички, Собранието преку овој закон игра улога на суд и тоа суди по кратка постапка, законот го носи по итна и кратка постапка. Ќе видиме, веројатно и без поголема поддршка“, вели Шкариќ.
Видете и ова: Амнестии - И затворите полни и криминалците на улицаТој смета дека ситуацијата е парадоксална, бидејќи од една страна се водат судски постапки во кои се внимава обвинетиот да дојде до израз и да го каже своето мислење, а судијата носи пресуда и сега одеднаш со закон таа одлука ќе се укине и целиот судски труд ќе падне во вода.
И професорот по кривично право, академик Владо Камбовски, смета дека носењето закони за амнестија значат упаѓање на Собранието во сферата на казнената политика. Во конкретниот случај, според него, треба да се преиспита дали аргументите на предлагачите се оправдани.
„Главно преовладува аргументот за преоптовареност на затворите. Треба да се испита дали е издржан или не. Капацитетите на затворите, кај нас се слаби. Тука постојано добиваме забелешки од Советот на Европа, Комитетот за правда. Се прават некои напори со доградби итн. Но, тоа не е доволно, нашите стандарди се под стандардите определени од ООН и Советот на Европа како стандардни минимални правила за третманот на осудените лица. Тие стандарди постојано се подигаат повисоко и повисоко“, нагласува Камбовски чиј впечаток е дека има оправданост ако се гледаат сликите од затворите и исказите на луѓето што биле во нив.
Ако имало функционална пробациска служба, ќе се избегнел проблемот
Амнестијата веројатно нема да го реши целосно проблемот, смета и поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца-Николовска.
„Дека има проблем со затворите, има проблем. Дали со амнестијата ќе се расчисти тоа, не сум баш сигурна целосно. Можеби еден дел ќе се ослободат затворите, но она што е важно дека државата мора да размислува да овозможи извршување на казните да биде на достоинствен и соодветен начин“, вели Цаца Николовска.
Видете и ова: Амнестии и споменици за дефокус од реалните проблеми?Во насока на тоа дека амнестијата не е трајно решение е и ставот на судијката Оља Ристова. Од претходниот закон пред пет години, нагласува таа, до сега условите во затворите не се подобрија, а од друга страна ниту државата направи нешто за ресоцијализација. Пробациска служба за работа со осуденици, потсетува Ристова, имаме од 2018 година и претходниот период требало да се искористи за да не се доведеме во ситуација да се носи нова амнестија.
Со новиот Кривичен законик ќе се интервенира во казнената политика
За намалување на пренатрупаноста во затворите во иднина се очекува да помогнат и промените во казнената политика преку новиот Кривичен законик, кој е во финална фаза и работната група во текот на оваа недела треба да го предаде финалниот предлог до Министерството за права.
Академик Камбовски посочи дека обидот во таа насока ќе се направи со тоа што за казни до една година затвор ќе се предвиди изрекување само на парична санкција, а ако судијата сепак се реши за затворска санкција, тогаш ќе треба да наведе издржани аргументи.
Казните до шест месеци, пак, да не се изрекуваат бидејќи, како што вели Камбовски, нема никаков ефект.
Видете и ова: Лога: Не се амнестираат академци туку осуденици, но имиња не потврдувамНа истиот став е и професорот Шкариќ за кого казните од шест месеци затвор „немаат смисла“.
„Подобро е таквиот криминалец да биде искористен за добротворна работа, нешто корисно да работи отколку да оди во затвор. Но, за тоа треба да се променат законите. Кога кажувам законите, и тие се извор на криминалот и тоа не е случајно – тие што ги носат законите често пати водат сметка како тој закон би го одмерил нивното однесување“, вели Шакриќ.
Двајцата универзитетски професори, заедно со судии и невладини организации на 17 октомври своите ставови ги изнесоа на настанот „Предлог-законот за амнестија и процесот на ресоцијализација и реинтеграција на претходно осудените лица во Република Северна Македонија“, организиран од Македонското пенолошко друштво.
Законот за амнестија што го предлага Министерството за правда предвидува целосно ослободување на лицата осудени на затворски казни до шест месеци, а осудениците со казни од шест месеци ќе се ослободат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Исклучок од амнестијата има за тешките кривични дела.