Голем прогрес е направен во справувањето со феноменот бездржавјанство во изминативе 12 години, но останува уште многу да се направи, а затоа е потребна силна политичка волја, изјави денеска во Скопје помошник висок комесар за заштита при УНХЦР Џилијан Тригс која е дел од меѓународната конференција организирана од ОБСЕ и УНХЦР на тема „Бездржавјанство во Југоисточна Европа“
Проценките на УНХЦР покажуваат дека во регионот има околу 6 илјади луѓе без државјанство или лица со неодредено државјанство.
Земјите низ регионот преземаа мерки за да им обезбедат државјанство на овие граѓани, но се уште се потребни дополнителни мерки за да се искорени овој феномен, објасни Тригс.
„Бездржавјанството може да се искорени со пенкало, само ако владите имаат волја да преземат акција за да го адресираат проблемот. Мислам дека лидерите во Северна Македонија и земјите од регионот се критични во доставувањето на таа политичка волја како пример за најдобра пратика на глобално ниво,“ изјави Тригс.
Македонското законодавство беше променето во 2021 година со што се овозможи на над 200 луѓе да се стекнат со потврда или државјанство. Станува збор за закон кој имаше за цел да го реши статусот на луѓето од поранешните југословенски републики кои до денот на прогласување на независноста живееле во земјава. Последните измени на неколку закони во јуни годинава и меѓуинституционална соработка придонесе бројот на граѓаните без државјанство да е за повеќе од двојно намален.
Високиот комесар за национални малцинства при ОБСЕ амбасадорот Каират Абдракхманов изјави дека Северна Македонија покажала сериозни резултати во намалувањето на бездржавјанството во земјата.
„Најдобрата практика во Северна Македонија може да послужи како инспирација за целиот регион. За да ви дадам малку осет за што точно зборувам, пред десет месеци кога стапнав на оваа функција бројот на граѓани без државјанство изнесуваше околу 700, но денеска бројките достигнаа до 216. Се надевам и верувам дека со продолжување на политичката волја и посветеност, ќе можеме да ги сведеме тие бројки на нула до крајот на годината, со што се надевам дека Северна Македонија ќе го затвори ова поглавје“ изјави тој.
Видете и ова: Со сметка за струја до државјанствоМинистерот за надворешни работи Бујар Османи во својство на Претседавач со ОБСЕ изјави дека законските измени кои ги направи земјава укажуваат на цврстата политичка волја за обезбедување на правен идентитет сите нереистрирани лица до крајот на 2023 година.
„На ова сме особено горди и кое цврсто го трасира патот да станеме првата држава во Европа која ќе го искорени бездржавјанството. Нешто искуство покажува дека решенија се можни и тие не се ниту премногу комплицирани ниту премногу скапи“ изјави Османи.
Според последните објавени податоци за регионот, во Србија има околу 2200 граѓание без државјанство, по неа на листата е Албанија со 1030, па Косово со 618. Четврта на листата е Црна Гора со 618 и последна БиХ со 65.
Бездржавјанството е генерациски проблем, па доколку родителите се лица без државјанство, тие своето бездржавјанство ќе го пренесат и на своите деца. Согласно Конвенцијата за статусот на лицата без државјанство на ОН од 1954 година, лице без државјанство е лице кое ниту една држава не го признава за свој државјанин согласно сопственото национално законодавство.
Причините поради кои едно лице може да остане без државјанство или во ризик од бездржавјанство се различни: непостоење на упис во матичните книги на родени и немање граѓански идентитет, распад на држави, бегалски кризи и миграции, судир на закони, откажување од државјанство, одземање на државјанство, дискриминација и други.
Во регионот заедниците на Ромите, Ашкалите и Египќаните го сочинуваат мнозинството од оние кои се изложни на ризик од бездржавјанството. Во оваа група на луѓе влегуваат и оние луѓе кои по распадот на поранешна Југославија останеле без документи а со тоа и со потешкотии во пристапот до изводи на матични книги на родени.