Египет и Франција побараа испорака на помош за Газа преку преминот Рафа

Министрите за надворешни работи на Египет и Франција на 16 октомври побараа испорака на хуманитарна помош и дозволен излез на странски државјани од бомбардираниот Појас Газа, на десеттиот ден од конфликтот меѓу Израел и милитантната група Хамас.

„Оние кои сакаат да ја напуштат Газа мора да можат да го сторат тоа“, изјави француската министерка Кетрин Колона, апелирајќи да се отворат премините.

Египет го контролира граничниот премин Рафа, единствениот премин во и надвор од Појасот Газа кој не е контролиран од Израел. Највисокиот дипломат во Каиро, Самех Шукри, во понеделникот изјави за новинарите дека Египет „го повторил барањето до израелските власти да дозволат да помине хуманитарна помош“.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот соопшти дека „во моментов нема прекин на огнот и хуманитарната помош во Газа во замена за евакуирање на странците“.

Но, до понеделник попладне, преминот остана затворен. Конвои со хуманитарна помош остнаа заглавени на едната страна од границата, а Палестинците и странците бегаат од другата страна, јавува новинската агенција Франс Прес.

Видете и ова: Болниците во Газа се полни со луѓе, храната и водата се при крај


ОН постојано предупредуваа на лошата хуманитарна ситуација во Газа, каде Израел прогласи „целосна опсада“, прекинувајќи ги основните резерви за 2,4 милиони жители на територијата.

Од 7 октомври, околу 2.750 луѓе во Газа се убиени во израелските воздушни напади, започнати како одмазда за нападот на милитантите на Хамас во кој загинаа 1.400 во Израел.

Бидејќи дипломатските чекори даваат мал успех, француската министерка Колона изјави дека Париз ја „поздравува иницијативата на Египет“ за меѓународен самит за конфликтот. Таа рече дека тоа „ќе покаже дека постои политички хоризонт што може да го земе предвид правото на Израел на безбедност и правото на Палестинците на држава“.

Египет беше првата арапска држава која склучи мировен договор со Израел во 1979 година и историски одигра клучна улога во посредувањето меѓу израелските и палестинските официјални лица, особено за време на конфликтите со Хамас.

Колона додаде дека „тежината на конфликтот не смее да падне на Египет“, кој се соочува со повици да прифати бегалци од Газа. Каиро ги отфрли ваквите повици, предупредувајќи на ново присилно раселување на Палестинците и наместо тоа повика на воздржаност и дипломатски напори за деескалација.