Американскaта министерка за финансии Џенет Јелен на 16 октомври изјави дека поддршката за Украина останува „главен приоритет“ за Соединетите држави и Европа, нарекувајќи го од клучно значење да се поткрепи воената битка на Украина против руската инвазија.
Таа рече дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е посветена на поддршката на Украина „колку што е потребно“ и дека ќе се бори да обезбеди двопартиско мнозинство во Конгресот на САД со цел да се донесе „цврста“ и непрекината помош за земјата разурната од војна.
„Не можеме да дозволиме Украина да ја изгуби војната од економски причини кога покажа способност да успее на бојното поле“, изјави Јелен на нејзиниот трет состанок со министрите за финансии на еврогрупата од еврозоната.
Видете и ова: Улогата на конфликтот во Израел во испраќањето американска помош за Украина
Состанокот на Јелен со Еврогрупата доаѓа во време кога администрацијата на Бајден се подготвува да протурка нов пакет воена помош во вредност од над 2 милијарди долари и за Украина и за Израел, кој подготвува копнена инвазија по смртоносниот напад на 7 октомври од страна на милитантната група Хамас која владее во Газа.
Јелен во своите забелешки не се осврна на ескалацијата на кризата на Блискиот Исток, но претходно изјави за американскиот медиум „Скај њуз“ дека САД „сигурно“ може да си дозволи да застане и со Израел и со Украина.
Некои републиканци во Конгресот го доведуваат во прашање финансирањето на Киев, вклучително и претставникот од Охајо, Џим Џордан, кој е номиниран за претседател на Претставничкиот дом и ја предводи републиканската група, поддржана од поранешниот претседател и веројатно кандидат за 2024 година, Доналд Трамп, јавува новинската агенција Ројтерс.