Грузискиот Уставен суд ѝ пресуди на претседателката, не смеела да посетува земји во ЕУ без дозвола од Влада

Грузиската претседателка Саломе Зурабичвили

Уставниот суд на Грузија пресуди дека претседателката Саломе Зурабичвили го прекршила Уставот со патувањето во земјите на ЕУ без владина согласност. Ваквата одлука на Уставниот суд им ја отвори вратата на пратениците овозможувајќи им да го продолжат патот за собранискиот импичмент кој го спремаат за неа.

Одлуката на Уставниот суд, објавена на 16 октомври, ја поддржаа шест од девет судии кои рекоа дека „за време на нејзините работни странски посети на 31 август, 1 септември и 6 септември 2023 година, грузиската претседателка, г-ѓа Саломе Зурабичвили, остварила овластувања во областа на меѓународните односи без согласност на грузиската влада“.

Уставот на Грузија му забранува на претседателот да се вклучи во надворешните односи на земјата без договор со владата.

Зурабичвили отпатува во Париз, Берлин и Брисел за да ја промовира кандидатурата на Грузија за Европската Унија. Грузија аплицираше за членство во Унијата во март 2022 година, но сè уште не и беше доделен статус на кандидат.

Видете и ова: Грузиската претседателка: Одлуката на Москва за обновување на безвизниот режим е неприфатлива


Предлогот за отповикување на претседателката Зурабичвили го достави во Собранието владејачката партија „Грузиски сон“ и нејзиниот лидер Иракли Кобахидзе. Тој во јавноста денеска тврдеше дека судската одлука е победа бидејќи покажа дека на претседателот му треба одобрение од владата за да се сретне со странски лидери кои ја посетуваат Грузија или дури и да патува во друга земја од лични причини.

Предлогот е поднесен од 80 пратеници, што е доволно за покренување на постапката, но не доволно за смена на претседателот. Најмалку 100 од 150 членови на грузискиот парламент треба да ја поддржат иницијативата за отповикување за смена на претседателот.

Видете и ова: Претседателката на Молдавија за РСЕ: Колку поголема ЕУ, толку подобро

Предлогот за импичмент на Зурабичвили доаѓа откако нејзината популарност расте поради нејзините силно прозападни и проукраински ставови и противење на некои од контроверзните одлуки на владејачката партија. Меѓу нив беше предлаг контроверзниот закон за „странски агенти“, за кој таа изјави дека ќе ја доближи Грузија повеќе „погрешниот руски модел, а не до европскиот модел“, што предизвика протести, принудувајќи ја партијата да отстапи.

Грузија поднесе барање за членство во ЕУ веднаш по руската инвазија на Украина во 2022 година, заедно со Украина и Молдавија. Додека овие две последни земји добија кандидатски статус во јуни 2022 година, а Грузија доби „најава од ЕУ“ дека нејзиното барање ќе биде разгледно откако ќе го исполни списокот на реформи што треба да ги спроведе.