Се надеваме дека ЕУ ќе биде подготвена да ја прифати Молдавија во следните неколку години, вели молдавската претседателка Маја Санду во интервју за Радио Слободна Европа. На прашањето дали до 2030 година Молдавија, заедно со Грузија и Украина ќе биде подготвена за да ги почне преговорите за членство, Санду вели дека се надева дека и порано ќе бидат подготвени.
„Се надевам дека ќе бидат подготвени и пред 2030. Но, ова е и рокот што си го поставивме внатрешно. Напорно работиме на тоа. Се надеваме дека одлуката во декември ќе биде позитивна за почеток на преговорите. И се надеваме дека ЕУ ќе биде подготвена да ја прифати Молдавија во следните неколку години“, вели Санду во интервјуто.
Таа се надева дека евроинтегративниот процес Молдавија ќе го оди заедно со Украина, и дека пристапот ќе се заснова на заслуги.
„Јас верувам и се надевам дека повеќе земји ќе станат членки на ЕУ, толку подобро за континентот, верувам дека демократиите треба да се поддржуваат меѓусебно и дека демократскиот свет треба да биде заедно. А на континентот, колку е поголема ЕУ, толку подобро. И колку е посилна ЕУ, толку повеќе треба да размислува за приклучување на сите три земји во исто време. Повторно, ова е пристап заснован на заслуги. И само треба да работиме напорно. Секоја земја поединечно мора да работи на оваа агенда“, истакнува молдавската претседателка.
Видете и ова: Јурова: ЕУ нема друг избор освен да се прошириМолдавија поднесе барање за членство во Европската унија набргу по започнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Украина и Грузија исто така аплицираа со Молдавија. Молдавија доби кандидатски статус, заедно со Украина, во јуни 2022 година.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги пофали напорите на Молдавија во исполнувањето на критериумите за членство во 27-члениот блок, велејќи дека Кишињев постигнал „извонреден“ и „импресивен“ напредок во спроведувањето на реформите.
Во врска со енергетската зависност на Молдавија од Русија, Санду пак вели дека Молдавија купува гас на слободниот пазар и повеќе не е зависна од рускиот гас.
„Не купуваме руски гас денес, не купуваме руски гас од Гаспром, купуваме гас на пазарот, што значи дека не можеме да бидеме уценувани од државното министерство за финансии како порано. Пред околу една година, кога нешто не им се допаѓаше во политиката на молдавската влада, тие само доаѓаа и рекоа дека имаме повеќе дотур на гас. Денеска одиме на пазар и купуваме. Не можам точно да кажам од каде доаѓа гасот. Но, ние купуваме на слободен пазар и никој не може да не уценува и да каже дека ќе го прекинат снабдувањето со гас иако ние го плативме гасот“, вели Санду за РСЕ.