Украина и заштитата на украинскиот народ како приоритет на ОБСЕ, конкретните активности кои ОБСЕ ги презема на терен, состојбата на тројцата припадници на ОБСЕ кои се во затвор во Доњецк и во Луганск биле дел од темите на средбата на Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба во Киев.
Како што соопшти МНР, Османи и Кулеба на средбата во Киев разговарале и за што може ОБСЕ дополнително да направи за поддршка на земјата која се соочува со руската воена агресија.
„Во јануари, за време на мојата прва посета на Украина како Претседавач со ОБСЕ, реков дека вашата храброст и пожртвуваност ја заслужуваат нашата најголема почит. Инспириран од вашата издржливост, денес сум уверен дека ќе победите. Украина ќе победи“, изјави Османи на прес конференцијата со неговиот украински колега.
Османи додаде дека Програмата за поддршка на Украина, финансирана од донатори, а која се спроведува од ноември 2022 година, ќе продолжи да и помага на Украина, преку имплементација на проекти приспособени на нејзините специфични потреби.
Видете и ова: Северна Македонија продолжува со силната поддршка за Украина
Македонскиот министер за надворешни работи потенцираше дека и покрај предизвиците со кои се соочува Организацијата, нарушувањето на нејзините основни принципи предизвикани од воената агресија на Руската Федерација , ОБСЕ е отпорна и ќе продолжи да се придржува до основните вредности со поддршка од останатите земји-учеснички.
„Како Претседавач со ОБСЕ, продолжив да ја повикувам Русија да ја прекине оваа војна, да ги повлече своите трупи од Украина, повторно да се посвети на принципите и вредностите на ОБСЕ. Продолжувањето на оваа војна не само што ги уништува животите, домовите и надежите на луѓето од Украина, туку создава и состојба на нестабилност и неизвесност низ поширокиот регион на ОБСЕ“, рече Османи.
Според шефот на македонската дипломатија Украина останува централен приоритет за Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, а состојбата во Украина ќе биде и една од главните теми на Министерскиот совет на ОБСЕ што ќе се одржува во декември во Скопје.