Милорад Додик, претседател на Република Српска (РС) и Милош Лукиќ, вршител на должноста директор на Службен весник на тој ентитет, одбија да се изјаснат за виновни по обвинението со кое се товарат дека сториле кривично дело „Неизвршување на одлуките на високиот Претставник во БиХ“.
„Не знам зошто е покренато обвинението против мене. Не го разбирам обвинението“, рече Додик на рочиштето одржано во понеделникот на 16 октомври.
Додик не сакал да стане кога требаше да ги даде личните податоци и кога требаше да ја признае вината, велејќи дека „го боли грбот“.
Судијката Јасмина Дедовиќ Ќосиќ по службена должност донесе решение според кое Додик и Лукиќ се изјаснија за невини.
Додик пристигна во придружба на адвокати и партиски послушници во зградата на Судот на Босна и Херцеговина во Сараево. Обвинителството на Босна и Херцеговина го товари Додик дека, како претседател на РС, на 7 јули објавил два закони кои предвидувале дека одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина и Уставниот суд на Босна и Херцеговина не се применуваат на територијата на РС.
Додик и Лукиќ се соочуваат со затворска казна до пет години и забрана за работа во сите јавни институции и претпријатија.
Додик, кој важи за проруски ориентиран политичар е под санкции на Соединетите Држави и Обединетото Кралство. Тој е обвинет дека на 7 јули ја донел Уредбата за објавување на Законот за изменување и дополнување на Законот за објавување закони и други прописи на РС.
Видете и ова: Обвинителството на БиХ бара на Додик да му се забрани вршење на каква било јавна функцијаИзмените на законот беа изгласани на седницата на 21 јуни 2023 година од Народното собрание на РС, во кое мнозинство има партијата на Додик, Сојузот на независни социјалдемократи.
Според тие измени, одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, нема да бидат објавени во Службен весник на РС и нема да се применуваат во овој субјект.
Додик е обвинет и дека на 7 јули донел уште една уредба за објавување на Законот за неприменување на одлуките на Уставниот суд на БиХ, што беше усвоен од Народното собрание на РС на 26 јуни 2023 година.
На 1 јули 2023 година, високиот претставник Кристијан Шмит го поништи тој закон за Уставниот суд на Босна и Херцеговина, како и измените на законот за регулирање на работата на Службен весник на РС.
Видете и ова: Шмит: моите уредби ќе ја однесат БиХ „на вистинскиот пат“Потоа, користејќи ги овластувањата во Бон, наметна и измени во Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, со што неспроведувањето на одлуките на високиот претставник е кривично дело, а казната може да изнесува и до пет години затвор, како и забрана за вршење на која било должност во кој било орган кој целосно или делумно се финансира од буџетот.
Во обвинението се наведува дека Додик ги потпишал указите „иако знаел дека одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина (ОХР) се обврзувачки“. Обвинителството тврди дека Додик тоа го направил „со намера гореспоменатите одлуки на ОХР во Босна и Херцеговина да не се применуваат и имплементираат“.
Одбраната на Додик двапати побара изземање на судијката Јасмин Дедовиќ Ќосиќ, која го потврди обвинението. Изземањето беше побарано поради „сомнежи во нејзината непристрасност“, а Судот на Босна и Херцеговина ги одби двете барања.