Лидерите на Европската Унија ќе одржат итен самит во вторник бидејќи расте загриженоста дека војната меѓу Израел и Хамас може да ги поттикне комуналните тензии во Европа и да предизвика нов бран бегалци.
„Овој конфликт има многу последици, вклучително и за нас во Европската Унија. Конфликтот може да има големи безбедносни последици за нашите општества“, рече претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во видео-изјавата со која ја најавува виртуелната средба.
Откако палестинската милитантна група Хамас го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, предизвикувајќи ја последната војна во Газа, Франција воведе забрана за пропалестински демонстрации, додека бројот на антисемитски дејства се зголеми.
Музејот Лувр во Париз и Версајската палата ги евакуираа посетителите и персоналот откако добија закани за бомба во текот на викендот. Француската влада почна да распоредува 7 000 војници за да ја зајакне безбедноста низ целата земја по смртоносниот напад со нож во училиште за кој се сомнева дека го извршиле исламски екстремисти.
Германија исто така ја засили безбедноста. Берлин му понуди воена помош на Израел и вети дека ќе ја спречи поддршката за Хамас во земјата. Канцеларот Олаф Шолц ја подвлече историската одговорност на Германија за безбедноста на Израел.
Видете и ова: Израелската војска тврди дека чека политичко „зелено светло“ за копнен нападМишел рече дека војната „има потенцијал да ги влоши тензиите меѓу заедниците и да го нахрани екстремизмот“ во Европа и дека „постои висок ризик од миграција и движење на голем број луѓе во соседните земји“.
Тој рече дека лидерите ќе ги разгледаат начините како да им помогнат на цивилите во воено разурнатиот Израел и Појасот Газа и ќе соработуваат со другите земји од Блискиот Исток и регионот на Персискиот залив за да го спречат ширењето на конфликтот.
Повеќе од еден милион луѓе ги напуштија своите домови во Газа пред очекуваната израелска копнена инвазија чија цел е да го уништи Хамас.
Мишел ги осуди „бруталните терористички напади“ и рече дека „Израел има право да се брани во целосна согласност со меѓународното право и меѓународното хуманитарно право“.