Постигнувањата во рамки на Берлинскиот процес и влијанието на иницијативата врз регионалната соработка, нејзината важност во заокружувањето на европската интеграција, како и билатералните односи, ќе бидат во фокусот на Самитот на лидери на Берлинскиот процес што се одржува денеска во Тирана.
На Самитот е најавено е присуство на германскиот канцелар Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, на лидерите од земјите од регионот на Западниот Балкан и членките на ЕУ - Австрија, Хрватска, Грција, Унгарија, Холандија, Словенија, но и високи претставници на ЦЕФТА, ОЕЦД, Советот за регионална соработка, Светската Банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска Банка.
Во рамки на Самитот ќе се одржат работни сесии на кои на највисоко ниво ќе се дискутира на теми поврзани со интегрирањето на регионот во единствениот пазар и подобрување на конвергенцијата со ЕУ, како и поддршката на зелената и дигиталната транзиција во земјите од Западен Балкан. Се очекува да се разговара за постигнувањата во рамките на Берлинскиот процес и влијанието на иницијативата врз регионалната соработка, нејзината важност во заокружувањето на европската интеграција, како и билатералните односи.
Видете и ова: Колку надворешни политики води Северна Македонија?На Самитот планирано е усвојување на повеќе документи и заклучоци, како и потпишување на Договор за признавање на професионалните квалификации на медицинските сестри, ветеринарните хирурзи, акушерките и фармацевтите од страна на лидерите на земјите од Западен Балкан, како и продолжување на Договорот потпишан на минатогодишниот Самит на Берлински процес со кој се признаваат професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите.
Како што соопшти Европската Комисија, Самитот ќе биде можност претставниците на ЕУ да разговараат со регионалните лидери за новиот План за раст на Западниот Балкан, кој моментно го подготвува ЕК и кој има за цел уште од сега да им овозможи на граѓаните на земјите од регионот да ги почуствуваат придобивките од членството во Унијата, како што се пристапот до единствениот европски пазар, регионалната економска соработка, забрзувањето на фундаменталните реформи и зголемената финансиска поддршка.
На самитот учествуваат премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Берлинскиот процес се развива со поддршка на Европската Комисија, меѓународните финансиски институции, земјите членки на ЕУ вклучени во процесот – Германија, Франција, Австрија, Бугарија, Хрватска, Италија, Словенија, Грција и Полска, како и Обединетото Кралство, заедно со шесте земји од Западен Балкан.