Во Скопје започна грејната сезона, цената на парното засега непроменета

Скопјани денеска се разбудија со топли радијатори

Грејната сезона во Скопје започнува денеска и ќе трае до 15 април идната година, а цената за потрошената топлинска енергија засега останува иста. Нова одлука за цената ќе се носи откако ќе биде поставен цевководот на мостот Беласица, кој беше опожарен на 12 мај.

„Снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 6:00 до 22:00 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 степени Целзиусови. Цената на топлинската енергија останува иста. Нова одлука ќе биде донесена откако цевководот на мостот Беласица ќе биде поставен, со што ќе се овозможат услови за детален пресек на трошоците“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Видете и ова: АД ЕСМ започна со санација на цевководот на мостот „Беласица“

Нагласи дека испораката на топлинска енергија ќе се одвива согласно мрежните правила за дистрибуција на топлинската енергија.

РКЕ апелира до сите потрошувачи на регулираниот пазар, односно до институциите и домаќинствата да продолжат со рационално трошење на енергијата исто како во изминатата грејна сезона.