Парламентарни избори и референдум за мигрантите во Полска

Избори во Полска

Во Полска на 15 октомври почнаа редовните парламентарни избори за 460 пратеници и 100 сенатори.

Право на глас имаат околу 29 милиони луѓе, вклучително и половина милион регистрирани во странство во големата дијаспора.

Изборите ќе се покажат како клучни за идните врски со Европската унија и соседна Украина, додека владејачките популисти се кандидираат за трет последователен мандат на власт, пренесува агенцијата Франс прес (АФП).

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека националистичката партија Право и Правда ќе добие најмногу гласови, но, би можела да се бори да изгради владина коалиција, давајќи и шанса на опозицијата предводена од поранешниот шеф на Европскиот совет, Доналд Туск.

Полјаците одлучуваат дали да им дозволат на Јарослав Качински, од конзервативната партија Право и Правда да ја реализираат својата визија за „Будимпешта во Варшава“, како што Качински најави пред изборите во 2015 година и да ја „променат земјата така што никој да не ја признае“ според унгарскиот модел.

Видете и ова: Големи антивладини протести во Варшава на две недели пред изборите

Победата на партијата Право и Правда може да ги влоши тензиите со ЕУ и Украина и да ги ужасне активистите загрижени за иднината на медиумските слободи, правата на жените и мигрантите.

Од друга страна, опозицијата, предводена од либералната Граѓанска коалиција на поранешниот полски премиер и поранешен претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, апелираше до Полјаците, особено младите, да гласаат бидејќи ова е можеби последен пат нивниот глас воопшто нешто да значи.

На својот последен митинг, Туск им рече на поддржувачите во Прушков дека Право и правда имаат „тајни планови“ да ја напуштат ЕУ и рече дека „ја водат земјата по погрешен пат“.

Покрај изборите за долниот и горниот парламентарен дом, Полјаците гласаат и за четири референдумски прашања: изградба на ограда на границата со Белорусија, прифаќање мигранти според договорот со Европската унија, зголемување на старосната граница за пензиите и приватизацијата на државните претпријатија.