Топката е на страната на земјите кои сакаат членство во Европската Унија. Верувам дека ЕУ нема друг избор туку да се охрабри и прошири географски, политички, да расте поради потребата да биде посилна и поотпорна, изјави во интервју за Радио Слободна Европа потпретседателката на Европската комисија за вредност и транспарентност Вера Јурова, во однос на прашањето за плановите за проширување на Унијата.
Во ноември се очекува да пристигне извештајот за проширување на Унијата во однос на Украина, Молдавија, Грузија, но и за земјите од Западен Балкан, а Јурова вели дека со голем интерес ќе се следи каква ќе биде оценката на Комисијата за напредок, бидејќи според неа напредок има, но дали е тоа доволно, вели во овој момент не може тоа да го каже.
„На 8 ноември ќе ја прашате госпоѓата Јурова која тогаш ќе го прочита извештајот околу состојбите во секоја од овие земји. И тогаш, ќе ви го кажам она што треба да биде кажано“, додаде Јурова.
На прашањето дали Украина и Молдавија годинава можат да ги отворат преговорите за членство во Унијата, како и тоа дали Грузија може да се стекне со статус земја-кандидат, Јурова вели дека очекувањата за тоа во овие земји се навистина големи.
Видете и ова: Француско-германски документ за реформа на ЕУ пред проширувањето„Можам да им посакам само успех, бидејќи очекувањата во овие две земји се големи. Истото се однесува и за Грузија Постои една непријатна работа со овие реформски напори. Секогаш сакаме да имаме закони, институциите да работат, но сакаме и одржливи решенија кои ќе функционираат во пракса. Тоа е секогаш проблематична точка кога станува збор за земјите од Западен Балкан. Тие не можат во целост да докажат дека системот ќе биде одржлив“, истакна Јурова.
Годишниот извештај пак за напредокот на земјите кандидати кој го подготвува Европската Комисија ќе биде објавен на 8 ноември, а годинава, ваков извештај за првпат ќе биде објавен и за напредокот на новите земји-кандидати за членствп - Украина и Молдавија.
Заедно со извештаите за напредокот, Европската комисија се очекува да ги претстави и деталите за „Планот за раст“, чија цел е да ја олесни постепената интеграција на регионот во ЕУ уште пред официјалното членство во Унијата.