Уапсен адвокатскиот тим на Навални откако руската полиција извршила претрес во нивните домови

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, обвинет за измама и непочитување на судот, заедно со неговите адвокати Олга Михајлова и Вадим Кобзев

Тројцата адвокати кои го бранеа затворениот руски опозициски политичар, Алексеј Навални, се приведени од страна на полицијата по извршен претрес во нивните домови, тврдат соработниците на Навални.

Изворите додаваат дека адвокатите се осомничени за учество во екстремистички организации.

Соработникот на Навални, Иван Жиданов, кој моментално престојува во странство, ги наведе тројцата адвокати на Навални – Вадим Кобзев, Игор Сергуњин и Алексеј Липстер.

Вјачеслав Гимади пак, шеф на одделението на правниот тим на Навални, на социјалната мрежа „X“, ги потврди имињата на тројцата адвокати.

Групата на Навални на Телеграм напиша дека тројцата адвокати се приведени по претресот. Руската полиција засега не ја потврдува оваа информација.

Во август годинава, судиите во Москва го прогласија Навални виновен за создавање екстремистички организации, а затворската казна му ја зголемија на 19 години.

Видете и ова: Рускиот суд ја одби жалбата на Навални за затворската казна од 19 години

Обвиненијата против Навални пак, ширум светот се сметаат за одмазда на неговите напори да го разоткрие она што тој го опишува како распространето беззаконие, корупција и репресија од страна на Путин и неговиот политички систем.

Навални беше најгласниот опозициски глас на Русија и иницираше големи антивладини митинзи, пред да биде ставен во затвор. Неговата претходна казна беше изречена во 2021 година откако пристигна во Москва од Германија, каде закрепнуваше од нападот кој го доживеа со труење, а за кој тој го обвини Кремљ.

Пред последната казна, Навални отслужи 11 и пол години затвор за проневера и кршење на условите на условна слобода додека се наоѓаше во Германија на лекување од труење.