Израелската армија во петокот ги повика сите цивили во градот Газа, дом на повеќе од еден милион луѓе, да се преселат во јужниот дел на појасот во рок од 24 часа, додека собира тенкови во близина на Појасот Газа пред очекуваната копнена инвазија.
„Сега е време за војна“, рече министерот за одбрана Јоав Галан во четвртокот додека израелските воени авиони продолжија да ја напаѓаат Газа како одмазда за нападите од милитантите на Хамас викендот во кои загинаа повеќе од 1 300 Израелци, главно цивили.
Израелската армија соопшти дека ќе има „значајни“ операции во градот Газа во наредните денови и дека на цивилите ќе им биде дозволено да се вратат само кога ќе биде објавено друго соопштение. Војската соопшти дека во текот на ноќта погодила 750 воени цели во северниот дел на Газа, вклучувајќи тунели на Хамас, воени бази, резиденции на високи оперативци и магацини за оружје.
„Цивили од градот Газа, евакуирајте се на југ заради вашата безбедност и безбедноста на вашите семејства и дистанцирајте се од терористите на Хамас кои ве користат како жив штит“, се вели во соопштението на израелската војска.
Наредбата за евакуација предизвика паника во Појасот Газа меѓу цивилите и хуманитарните работници кои веќе страдаат од израелските воздушни напади и блокадата.
Видете и ова: Македонски сопружници заглавени во Газа – се бара спас преку ЕгипетОбединетите Нации објавија дека сметаат дека е невозможно ваквото префрлање на луѓе да се случи „без разорни хуманитарни последици“.
Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, рече дека одговорот на ОН на предупредувањето на Израел до жителите на Газа е „срамен“.
Хамас, кој владее со Газа од 2007 година, ја отфрли наредбата, повикувајќи ги Палестинците „да останат цврсти во своите домови и да застанат цврсто против оваа одвратна психолошка војна“.
Израел вети дека ќе ја уништи милитантната група Хамас која ги предводеше нападите во саботата.