НАТО оценува дека има „напната и тешка ситуација“ на северот на Косово, изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.
„Внимателно ја следиме ситуацијата. Го зголемивме нашето присуство, особено на север. А главната порака е дека и Приштина и Белград треба да се воздржат од дејствија што би можеле дополнително да ја ескалираат ситуацијата или да ги зголемат тензиите и да се воздржат од запалива реторика. И Приштина и Белград треба да се ангажираат во дијалогот што го води ЕУ“, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Тој потврди дека на вториот ден од состанокот на министрите за одбрана на земјите од НАТО, тензиите на северот биле една од главните теми на разговор.
Видете и ова: Амбасадорот на САД во Србија: Белград и Приштина ќе мора да постигнат политичко решениеШефот на Организацијата на Северноатлантскиот договор рече дека Белград и Приштина треба да разберат дека НАТО и Европската унија работат рака под рака бидејќи имаат заедничка одговорност „на Западен Балкан воопшто, а особено во Косово“.
„Зголеменото воено присуство на НАТО ги поддржува дипломатските и политичките напори на Европската Унија. На состанокот ја имавме Европската Унија и мислам дека е добро да се види дека во тешката и предизвикувачка ситуација на Косово, на Западен Балкан, во Босна и Херцеговина, НАТО и ЕУ всушност соработуваат поблиску, и тоа долго време“, нагласи Јенс Столтенберг.
НАТО го зголеми присуството на војници во Косово како дел од мировната мисија КФОР по нападот на 24 септември во селото Бањска кај Звечан на северот на Косово.
Косовската полиција беше нападната од група вооружени и униформирани лица. Тогаш беше убиен еден косовски полицаец, а во размената на оган загинаа и тројца српски напаѓачи. Официјална Приштина ги обвини Белград и претседателот Александар Вучиќ за нападот во Бањска, што Србија го негираше.
Одговорноста за организацијата и нападот во Бањска ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа. Тој беше приведен и сослушан на 3 октомври, а еден ден подоцна Вишиот суд донесе одлука за ослободување од притвор, со мерка забрана за напуштање на територијата на Србија.