Сирија соопшти дека израелските сили денеска извршиле симултани ракетни напади врз аеродромите во нејзиниот главен град Дамаск и северниот град Алепо, оштетувајќи ги пистите и ставајќи ги надвор од функција.
Извор од сириската војска, цитиран од државната новинска агенција САНА, вели дека „рафали од проектили“ погодиле истовремено два аеродроми, како што рече, во обид да се сврти вниманието на светот од војната на израелската армија со милитантниот Хамас во Газа.
Израелската армија соопшти дека не ги коментира таквите извештаи.
Израел со години изведува напади врз цели поврзани со Иран во Сирија, вклучувајќи ги аеродромите во Алепо и Дамаск.
Видете и ова: Црвен крст: Газа сè уште има гориво, но може да снема за неколку часаИзворите рекоа дека нападите на аеродромите имале за цел да ги попречат линиите за снабдување на Иран за Сирија, каде што влијанието на Техеран се зголеми откако почна да го поддржува претседателот Башар ал Асад во граѓанската војна што започна во 2011 година.
Нападите во четвртокот се случија еден ден пред посетата на иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахјан на Сирија.
Израел вети дека ќе го уништи движењето Хамас што владее со Појасот Газа, како одмазда за најсмртоносниот напад врз цивили во неговата историја кога стотици вооружени лица ја преминаа бариерата и ги нападнаа израелските населби во саботата.
Техеран ги поздрави нападите на Хамас, но негираше дека стои зад нив.
Израелските војници истрелаа артилериски и минофрлачки гранати во Сирија во вторникот, откако ракети од јужна Сирија ги погодија израелските позиции преку границата.