Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, на 12 октомври изјави дека Србија и Косово на крајот ќе треба да дојдат до политичко решение, за кого и да биде утврдено дека е одговорен за настаните во Бањска на северот на Косово.
„Сега имаме проблем што мора да се реши. Кој и да е одговорен за тоа, ќе мора да имаме политичко решение, ќе треба да седнеме и да сфатиме што е фер“, рече Хил, говорејќи на белградската безбедносна конференција (BSC).
Тој изјави дека ова решение подразбира „некаков статус“ за Србите на Косово, а од друга страна „поголема интернационализација“ за Косово.
Хил рече дека „би сакал Србија да разбере и признае дека Косово е независна држава“, но наведе дека проблемот е „покомплексен од тоа“.
„Треба да ги охрабриме двете страни да се слушаат една со друга“, рече Хил.
Видете и ова: Курти: Се зголемува ризикот од повторени напади од „српските криминални структури“Тој додаде дека првиот чекор во решавањето на актуелната криза е разбирање на она што се случило.
„Прво, треба да разбереме што се случи и да ги повикаме одговорните, а потоа да се погрижиме тоа да не се повтори“, рече Хил.
Во нападот на косовската полиција на 24 септември во градот Бањска на северот на Косово, загина полицаецот Африм Буњаку, а неколку други беа повредени. Во нападот на полицијата убиени се тројца напаѓачи, а во месноста Бањска е пронајден голем арсенал оружје.
Владата на Косово ја обвинува Србија за овој инцидент, додека официјален Белград негира вмешаност.
Видете и ова: Вучиќ: Следува обвинение против Милан РадоичиќОдговорноста за организацијата на таа група јавно ја презеде Милан Радоичиќ, тогашен потпретседател на партијата на косовските Срби, Српска листа, која има поддршка од официјален Белград и од владејачката Српска напредна партија (СНС), чиј претседател беше Вучиќ до неодамна.
Радоичиќ потоа поднесе оставка од партиската функција.
Косовските власти за овој инцидент ја обвинуваат Србија, а Белград негира. Институциите на Косово и Србија спроведуваат одвоени истраги.
Европската унија и западните земји остро го осудија нападот врз косовската полиција во Бањска и побараа напаѓачите да бидат пронајдени и изведени пред лицето на правдата.