По неколкучасовните преговори во Министерството за транспорт и врски кај министерот Благој Бочварски, Синдикатот на контролори на летање и тројцата директори на Македонска навигација (М-Нав) постигнале договор најавениот штрајк на контролорите за 12 октомври, да се стави во мирување.
Сепак, според договорот, сите барања на Синдикатот ќе мора да се остварат до крајот на месецот. Бочварски ветил дека лично ќе го надгледува спроведувањето.
„Продолжуваме со заеднички координации да работиме за целосно реализирање на превземените обврски од двете страни. Се согласивме да работиме на подигање на нивото на транспарентноста за сите прашања, се до изработката на студијата која ќе ги даде идните правци за развој на претпријатието. Со ова ја информираме јавноста дека штрајкот ќе биде одложен, со цел давање на простор за надминување на отворените прашања“, соопштија синоќа од Министерството за транспорт и врски.
Видете и ова: Авионите сепак ќе летаат?
Оттаму додаваат дека Министерството заедно со менаџментот на М-Нав стои на ставот за спроведување на барањата на Синдикатот.
Барањата на Синдикатот на контролори за летање се: подобрување на условите за работа во Контрола за летање, застарената опрема да биде заменета со нова и да се воведе „нормална селекција на кадар потребен за вработување“.