На 11 октомври, украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за време на неговата прва посета на седиштето на Алијансата во Белгија од почетокот на руската инвазија на Украина, додека украинскиот лидер притиска за поголема поддршка.
Посетата на Зеленски доаѓа во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО и состанокот на новоформираниот Совет НАТО-Украина, каде групата земји предводени од Велика Британија, треба да објават дека на Украина и даваат пакет помош од 100 милиони фунти воена помош, вклучително и многу потребната опрема за деминирање.
„Украинската борба е и наша борба и затоа НАТО ќе стои зад Украина онолку долго колку што ќе биде потребно“, изјави Столтенберг пред почетокот на средбата на министрите за одбрана на земјите членки на Пактот во Брисел откако го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Столтенберг нагласи дека НАТО ќе продолжи да ја поддржува Украина и дека воената поддршка за земјата и нејзиното приближување кон пактот ќе бидат тема на разговори на денешните состаноци на Контакт групата за одбрана на Украина и на Советот НАТО-Украина, што беше воспоставен на јулскиот Самит на Алијансата во Вилнус.
Видете и ова: Шведска најави воена помош од 200 милиони долари за Украина„Вашето лидерство и храброста на украинските вооружени сили за заштита на народот продолжува да не импресионира и инспирира сите нас и ние ќе продолжиме со поддршката бидејќи тоа е важно за цело НАТО“, изјави Столтенберг, посакувајќи му добредојде на состанокот на украинскиот претседател.
Зеленски, од своја страна, нагласи дека потребите на Украина за опстанок претставуваат голем предизвик и изрази благодарност што е поканет да присуствува на денешниот собир.
„Изразувам благодарност што ќе можам да се обратам и да зборувам пред министрите за приоритетите како да ја избркаме Русија од нашата татковина и да ја прекинеме војната“, истакна Зеленски.
Украинскиот претседател истакна и дека е можно денеска во Брисел да се сретне и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и да разговараат за пристапувањето на Украина во ЕУ.