По поранешниот министер за здравство Беким Сали, пред Анкетната комисија во Собранието за случајот со злоупотреби со терапии на Клиниката за онкологија во Скопје, седна и актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Пред пратениците тој посочи Министерството за внатрешни работи (МВР) прв пат реагирало уште на 31 мај 2012 година, во времето на Гордана Јанкулоска, кога била поднесена кривична пријава поради сомнежи за злоупотреби со лекови во оваа здравствена установа.
„По основа на оперативни сознанија што ги има, МВР поднесе кривична пријава против директорот на Онкологија во тоа време со индиции за злоупотреба на набавка на цитостатици на лекови. Од моментот на поднесување на пријавата до денес не е преземено ниту едно истражно дејствие од страна на Јавното обвинителство“, рече Спасовски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од архивите министерот извади уште една пријава. Таа датира од 2 јуни 2020 година, поднесена е од тогашниот директор на установата против едно лице за кое, рече Спасовски, исто така имало сомнежи дека учествува во нелегални активности. Службените белешки, извршените разговори, сослушувањето сведоци и сите останати материјали, тврди министерот, исто така биле доставени до Основното јавно обвинителство.
„Според информациите коишто располагам, дури сега се преземени мерки за покренување на обвинителен предлог или акт. И трето постапување, е покренувањето на постапката што сега ја водиме, а тоа е на 31.8.2023 година во којашто Одделот за криминалистичка полиција, сектор за економски криминал и корупција врз основа на сите информации пласирани во јавноста, доставува известување до ОЈО Скопје за презентирање на сите сознанија што ги имаме во однос на Клиниката за онкологија и потоа следуваат следните активности“, посочи Спасовски пред пратениците.
Зборувајќи за последниот случај кој одекна во јавноста по пишувањето во медиумите, министерот посочи дека во моментот се вршат два вида вештачења – едно на електронските уреди и друго на медицинската документација од стручни тимови. Станува збор за вештачење на над 50 здравствени картони што беа одземени од Клиниката за онкологија.
Одговарајќи на прашања од пратениците, Спасовски рече дека освен пријавата од 2020 година што ја поднел тогашниот директор, до МВР никој друг, вклучувајќи ги и функционерите, не пријавил ништо.
Видете и ова: Протест за случајот „онкологија“ - Граѓаните не им веруваат на институциитеПред него, на покана на Анкетната комисија за случајот „Онкологија“, ексминистерот за здравство Беким Сали во Собранието рече дека за сомнежите за злоупотреба со терапиите дознал од медиумите. Тој кажа и оти не знаел ни дека на Клиниката имало КАТО систем за автоматизирана подготовка на цитостатици кој оневозможува манипулации со терапиите за пациентите.
„Не сум можел да знам сè што се случува во сите болници. Министерството за здравство управува со 116 институции и не сум знаел за постоење на ваков систем на клиниката и тоа го сметам како одговорност на менаџерите на клиниката. Зошто тој систем е отстранет од употреба не сум имал дојава ниту информација од Онкологија“, рече Сали.
Во продолжение на седниците на Анкетната комисија во наредниот период се очекува пред пратениците да зборува и претходникот на Сали во Министерството за здравство, Венко Филипче.
Анкетната комисија има мандат за утврдување на хронологија на настаните на Клиниката, но и најважно, дали се загрозени основните човекови права на пациентите.
Одлуката за нејзино формирање беше донесена на 20-ти месецов, а претседателка е пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.
Комисијата беше формирана по наводите во јавноста за злоупотреба на терапиите за онколошките пациенти. За овој случај на почетокот на септември Јавното обвинителство отвори предистражна постапка. Беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана од каде беа одземени компјутери и документација по наводите во новинарски текстови за злоупотреба на лекови наменети за пациенти болни од рак.