Српскиот бизнисмен и политичар Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста за вооружениот напад на косовската полиција во селото Бањска на 24 септември, излезе од сопственичката структура на фирмите регистрирани во Србија, објавија на својата веб-страницата од српската Агенцијата за економски регистри (АПР).
Како што наведуваат, Радоичиќ префрлил 40 отсто од својот удел во сопственоста на компанијата „Инкоп“ на неговите деловни партнери Звонко Веселиновиќ и неговиот брат Жарко.
„Инкоп“ поседува неколку фирми ќерки кои во изминатиот период добивале приливи од српскиот буџет, но и вредни средства во опрема и недвижен имот.
Видете и ова: Фирми, хотели и милиони евра: Богатството на Милан Радоичиќ во СрбијаИ пред нападот на косовската полиција на 24 септември, кој Приштина го карактеризираше како терористички чин, косовските власти го поврзуваа Милан Радоичиќ со криминални активности.
Србија, која не ја признава независноста на Косово, не ги призна ниту обвинувањата од косовските власти.
Нападот во Бањска во Србија не се третира како терористички чин, а Милан Радоичиќ, кој беше приведен па пуштен од притвор, во постапката што се води во Вишото јавно обвинителство во Белград не се гони за убиството на полицаецот Африм Буњаку кој загина во нападот на 24 септември. Меѓу кривичните дела што му се ставаат на товар се предизвикување јавна опасност и недозволено набавување и поседување оружје.
Официјален Белград, исто така, одлучи да не ги применува санкциите што САД и Велика Британија ги воведоа против Радоичиќ и браќата Веселиновиќ, кои од декември 2021 се на црната американска листа поради сомнежи за организиран криминал и корупција.