Американската амбасадорка во НАТО, Џулијан Смит, изрази загриженост поради растот на тензиите во регионот на Западен Балкан.
„Сите сојузници во НАТО внимателно ја следат ситуацијата на теренот на Западен Балкан. Загрижени сме поради се поголемите значи на нестабилност и некои жаришта каде видовме пораст на насилството“, изјави Смит во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата закажан за 11 и 12 октомври.
По повод неодамнешната одлука на НАТО да го засили присуството во Косово, американската амбасадорка потврдат дека командантот на Алијансата за Европа разгледува дали КФОР го има потребното ниво способност и подготвеност за решавање на потенцијални непредвидливи ситуации. Таа додаде дека НАТО е подготвен да помогне доколку бидат потребни дополнителни сили.
„Ќе продолжиме да ја испраќаме пораката кон нашите пријатели во регионот дека единствен пат за нормализација е преку дијалогот што се води со посредство на ЕУ и којшто има силна поддршка во НАТО“, рече Смит.
Видете и ова: Лајчак: Регионот на Западен Балкан не изгледа доброАлијансата го засили присуството во Косово во рамки на мировната мисија на КФОР по нападот на 24 септември кај селото Бањска кај Звечан на северот на Косово.
Косовската полиција беше нападната од група вооружени и униформирани лица. Во инцидентот загина полицаецот Африм Буњаку, а неколку други беа повредени. Во размена на огнот потоа беа убиени и тројца од напаѓачите со српска националност. Официјална Приштина за нападот го обвини Белград и претседателот Александар Вучиќ, додека Србија негираше вмешаност. Одговорноста за организирање на нападот, пак, ја призна српскиот бизнисмен и политичар Милан Радоичиќ кој беше и потпретседател на Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово поддржана од властите во Белград.