Лидерот на Демократската унија за интеграции (ДУИ) Али Ахмети смета дека нема потреба од лидерска средба и оти во моментов парламентарни избори не нудат решение. Тие, порача Ахмети, ќе се одржат во редовниот термин.
„Приоритет над приоритетите е како да се постигне договор за уставните измени и одржувањето на меѓувладината конференција, што треба да се одржи на крајот на оваа година. Не знам што можеме да направиме за да им служиме подобро на луѓето, отколку да ја зачлениме земјата во ЕУ. Изборите не нудат решение, така што, изборите ќе се одржат во редовниот термин, напролет следната година“, рече Ахмети одговарајќи на новинарски прашања на настан во Општина Сарај на 10 октомври.
Во однос на уставните измени, тој го повтори ставот дека ако неговата партија ѝ пречи на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ДУИ ќе излезе од Владата во моментот кога ќе бидат изгласани измените не Уставот.
Видете и ова: Ковачевски - Уште во понеделник може да ги изгласаме уставните измени, па да одиме на избориЗа разлика од ставот на интегративците, опозициската Беса го поддржува барањето на останатите партии од опозицијата за предвремени избори. Претседателот на Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами на 10 октомври повика власта што побрзо да свика лидерка средба за да се договори термин за избори. Според него, поисплатливо е претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно.
„Имајќи ја предвид економската ситуација во државата и трошоците кои се за организирање на изборите, ние инсистираме да имаме еден термин за претседателски и парламентарни избори со тоа што и редовниот термин е многу близок и цениме дека не треба да се направат дополнителни трошоци само за да парламентарните избори бидат три месеци покасно“, истакна Касами.
ВМРО-ДПМНЕ исто така во повеќе наврати досега потенцираше дека е за предвремени парламентарни избори и е на став дека е подобро тие да се одржат во ист термин со претседателските. Партискиот лидер Христијан Мицкоски го прозва и претседателот на Собранието, Талат Џафери, за да организира лидерска средба.
„Нека биде организатор Талат Џафери, нека биде тоа и во Парламентот, и таму ќе дојдам да разговараме за можните датуми за избори бидејќи, во меѓувреме, треба и сите ние да сме свесни дека два големи верски празници како што е Рамазан и Велигден, а на тие празници им претходат и постови, така што мора да го подготвиме амбиентот за да имаме навистина еден фер изборен процес“, рече Мицкоски.
Џафери, пак, вчера во изјава за државната агенција МИА рече дека би свикал лидерска средба за термини за избори само доколку има волја од сите односно ако претседателите на политичките партии би се согласиле.
Зборувајќи за термините за избори, тој посочи дека мандатот на актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски истекува на 12 мај 2024 година. Законските рокови налагаат изборите да се одржат во последните 60 дена од тој мандат. Овој рок, како што посочи Џафери, почнува да тече на 14 март 2024 година.
Видете и ова: Џафери - Ако има волја за лидерска, јас ќе ја испочитувамВо однос на парламентарните избори, пак, законски редовниот рок е во последните 90 дена од четиригодишниот мандат на пратеничкиот состав. Мандатот на актуелните пратеници истекува на 4 август 2023.
„Бидејќи се врши изборот во последните 90 дена од мандатот, од 4 август кога ќе одите наназад 90 дена се совпаѓа со 5 мај. Прв ден што може да се гласа за парламентарни избори е 5 мај, бидејќи е еден круг последователно секој нареден ден до 15 јули. И последен ден за гласање за парламентарни избори во редовен термин е 15 јули“, рече Џафери.
Оттука тој посочи дека доколку бидат редовни, парламентарните избори не смее да бидат пред 5 мај. Тоа значи дека преостанатите неколку дена од 5 до 12 мај кога истекува мандат на Пендаровски, не се доволни за да се организираат редовни претседателски избори ако се има предвид веројатноста да се гласа и во втор круг.
Затоа, Џафери повика политичките лидери доколку решат да разговараат за изборни датуми, до крајот на годинава треба да се начисто за овие прашања.