Поранешниот министер за здравство од редовите на Алтернатива, Беким Сали, не знаел дека на Клиниката за онкологија во Скопје имало КАТО систем за автоматизирана подготовка на цитостатици кој оневозможува манипулации со терапиите за пациентите.
Тој ова го кажа за време на сослушувањето пред пратениците во Собранието на седница на Анкетната комисија што беше формирана со цел да ги испита случувањата на Онкологија.
„Не сум можел да знам сè што се случува во сите болници. Министерството за здравство управува со 116 институции и не сум знаел за постоење на ваков систем на клиниката и тоа го сметам како одговорност на менаџерите на клиниката. Зошто тој систем е отстранет од употреба не сум имал дојава ниту информација од Онкологија“, рече Сали.
Пред пратениците тој кажа и досега не бил контактиран ниту од обвинителството ниту од Министерството за внатрешни работи, а за сомнежите за злоупотреби со терапиите дознал од медиумите.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
За време на неговиот мандат како министер, во однос на Клиниката за онкологија тој посочи и дека побарал оставка од поранешниот директор Нино Васев поради неефективно менаџирање откако не бил изготвен извештајот за работа на оваа здравствена установа што Сали како министер го побарал.
Дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пак, изразија зачуденост што ексминистерот не бил информиран за КАТО системот.
Сали е првиот што беше сослушан пред анкетната комисија во Собранието. По него се очекува да зборува и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а на листата кои ќе бидат поканети е и претходникот на Сали во Министерството за здравство, Венко Филипче.
Анкетната комисија има мандат за утврдување на хронологија на настаните на Клиниката, но и најважно, дали се загрозени основните човекови права на пациентите.
Одлуката за нејзино формирање беше донесена на 20-ти месецов, а претседателка е пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.
Комисијата беше формирана по наводите во јавноста за злоупотреба на терапиите за онколошките пациенти. За овој случај на почетокот на септември Јавното обвинителство отвори предистражна постапка. Беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана од каде беа одземени компјутери и документација по наводите во новинарски текстови за злоупотреба на лекови наменети за пациенти болни од рак.